Тодоровска: Среќна ме прави напредокот кај децата со попреченост кога работам со нив

Онлајн настава / Фото: Принтскрин

Нивната неизмерна среќа и широка насмевка кога ќе ја добијат петката како награда за успешно завршените задачи на часот. Вака го опишува омилениот дел од работењето со деца со попреченост, дваесет и шест годишната, Данче Тодоровска, која веќе четири и пол години работи како специјален едукатор. Последните две и пол години е дел од тимот на „Креатива Исток“, а претходно работела како образовен асистент во училиште и во домашни услови.

Данче Тодоровска / Фото: Лична архива

„Она што ме прави среќна е напредокот кај детето, бидејќи процесот на усвојување на одредена вештина е секогаш подолг од вообичаено и кога успешно ќе се заврши, навистина ме прави среќна. Нема поголемо задоволство и мотивација од тоа кога ќе видиш дека си направил разлика кај некого, а посебно кога таа разлика е толку значајна“ изјави за Мета.мк, Тодоровска.

Таа вели дека и претставува задоволство да помогне на што повеќе семејства. Иако на моменти нејзината работа е напорна, сепак фактот дека она што го прави е од непроценлива важност и заеднички напредок и дава енергија да продолжи понатаму, додава таа.

Кога станува збор за инклузивно образование, Тодоровска смета дека постојат повеќе големи проблеми кои тлеат подолго време. Еден од нив кој го посочува таа е малиот број на специјални едукатори во училиштата и полните раце работа на наставникот кој многу често се сретнува со предизвици за кои не е целосно обучен.

„Ангажирањето на лични и образовни асистенти за секое дете е едно од поновите решенија инклузивниот процес. Тие се од голема помош како за детето, така и за наставникот, но тука се наметнува друг проблем. Тие асистенти работат хонорарно, не се осигурани и не им тече стаж. Од таа причина, тоа работно место го гледаат краткорочно додека не се вработат на друго место каде ќе ги добијат потребните услови. Ова раѓа нов проблем кај родителите кои треба одново да бараат асистент (или општината да им додели), а детето повторно ќе треба да се соочи со процесот – адаптација на нов човек“ појаснува Тодоровска.

Она што таа го смета за уште еден дополнителен проблем е неподготвеноста на образовниот систем за тотална инклузија, кој не може да ги обезбеди и задоволи сите потреби на сите деца.

„Има деца на кои не би им одговарала вообичаената средина во која има многу други ученици, бучава и сл. Индивидуализираниот пристап и стимулативната средина се есенцијални во развојот и образованието на децата, а мислам дека тоталната инклузија не би можела тоа да го обезбеди за секое дете“ вели таа, при што додава дека од круцијална важност се што повеќе проекти кои произлегуваат од невладиниот сектор, кои за разлика од властите се многу повлијателни и поупорни во нивните намери и тоа носи значаен резултат кој брзо излегува на виделина и ги задоволува сите страни.

Тодоровска која по професија е специјален едукатор и рехабилитатор, од април годинава, работи на проект на УНИЦЕФ кој го реализира Здружение за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ во соработка со Здружението за рана стимулација, развој и игра кај деца  „Креатива Исток“. Проектот започнал непосредно по прогласувањето на државниот карантин, како нужна потреба за продолжување на поддршката на децата со посебни потреби и нивните родители. Преку овој проект, специјалните едукатори од „Креатива Исток“ и „Отворете ги прозорците“ одржуваат бесплатни часови за семејства кои имаат деца со попреченост.

Часовите со специјален едукатор може да ги следат деца со дисхармоничен развој, аутизам, Даунов синдром, церебрална парализа, деца со кохлеарен имплант и наглувост, деца со специфични потешкотии во учењето (дислексија, дисграфија и дискалкулија) итн. / Фото: Принтскрин

Тодоровска во моментов работи со 16 деца, од кои најголем дел се на школска возраст и работата се одвива директно со нив, преку е-училница. Децата кои се на претшколска возраст, поддршката ја добиваат преку нивните родители, а родителот и едукаторот се во постојана комуникација и се споделуваат совети и насоки за стимулација на раниот развој  на детето во домот.

„Часовите содржат активности кои ги зајакнуваат вниманието, концентрацијата и меморијата, игри за поттикнување на логичкото размислување, усвојување на академските вештини на креативен и забавен начин, вежби за идентификација на нивните емоции, стимулација за комуникација и правилна конструкција на реченица, игри кои бараат ангажман на фините движења на прстите, а некогаш правиме и вежби кои се насочени кон грубата моторика“ појаснува Тодоровска.

Часовите траат околу 45 минути, но тоа е променливо во согласност со детето, неговата концентрација и подготвеност за работа во моментот. Додека пак, фреквенцијата на часовите се одредува заеднички со родителите во зависност од нивните потреби, временски, како и технички можности земајќи предвид дека сега наставата се одвива онлајн. Најчесто тоа е еднаш до два пати неделно.

Како што вели таа, физичкото присуство и контакт се клучни во нивната работа, а онлајн работењето е голем предизвик. Сепак, опцијата „share screen“ им е главен помошник кој им овозможува да го задржат вниманието на децата со интересни, динамични материјали и да направат забавен и интерактивен час.

„Искрено, изненадена бев од интересот кој го покажаа децата за работа пред компјутер, а кога започнавме не бевме ни свесни колку тоа ќе им помогне во тековната учебна година кога наставата ја следат токму пред компјутерот“ вели Тодоровска.

Најголем дел од децата што ги следат часовите се од Скопје и другите поголеми градови во државата. Сепак, како што вели Тородовска, една од целите на платформата е да допре до повеќе места од внатрешноста, каде што ниту децата, ниту родителите немале поддршка од стручно лице и пред пандемијата.

„Доколку психологот во училиштето во општина Чашка не ми беше блиска роднина, немаше како да стигне информацијата до нив за овој проект и детето и семејството немаше да ја добиваат соодветната поддршка“ истакнува Тодоровска, која вели дека родителите за овој проект најчесто се информираат преку разговор со други родители кои ја користат платформата, но има и такви кои дознале од социјалните мрежи или од некој специјален едукатор/психолог/наставник со кој се во комуникација.

Еден од родителите чие дете ги следи онлајн часовите, е мајката Надица Мурџева. Како што вели мајката, со Тодоровска се познаваат уште пред нејзината петнаесет годишна ќерка Илина да започне да ги следи часовите, бидејќи Тодорвска и била дефектолог претходно неколку години во домашни услови. За онлајн часовите, како што вели Мурџева, се информирале преку здружението „Отворете ги прозорците“, каде што ќерката Илина оди од својата седма година.

„Со Данче имаме прекрасно искуство како дефектолог. Таа и Илина доволно се познаваат и имаат некоја своја врска, затоа и онлајн часовите течат беспрекорно и интерактивно. Илина е темпераментна и има пократко внимание, но во работата со Данче, таа ја следи и разговара со неа. Мислев дека онлајн часовите нема да имаат ефект, но позитивно сум изненадена како Илина добро го прифати ваков начин на работа. Јас седам до неа во текот на часовите, меѓутоа тие две работат заедно. Имаме ефикасен час, не е само оналјн час каде што се слуша едната страна“ изјави за Мета.мк, мајката Мурџева, која вели дека со два часа неделно работа со асистивна технологија се одржува контиуинтет во развојот на Илина.