За младите најпосакувана работна позиција е во јавната администрација

И понатаму најпосакувана работна позиција кај младите е работа во јавната администрација со 56 отсто, што оддава впечаток на ниска свест на младите за стекнување на вештини и нивно пласирање во приватниот сектор

фото: Devin Avery на Unsplash

Според податоците на Меѓународната организација на трудот, на младите во Северна Македонија им се потребни во просек по 31 месец од дипломирање до првата работа. Овој период е многу подолг за младите со средно образование отколку за младите со универзитетска диплома, додека за оние што имаат завршено само основно образование, процесот може да трае и до 62 месеци.

Младинското (не)вработување не е само прашање на барање на работа, професија и обезбедување на опстанок, туку е клучно за позиционирање на улогата на младите во општеството – ова е еден од заклучоците нотирани во документот за јавна политика со назив „Младинско (не)вработување: политики, мерки и вештини“, креиран од Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД).

Документот детално ги разгледува причините за постоењето на оваа несакана појава, а дава и препораки за справување и подобрување на моменталната состојба со младинската невработеност.

Во него се забележува дека и покрај низата мерки за младинско вработување воведени во последните 10 години, стапката на невработеност останува висока и е повеќе од два пати поголема од европскиот просек.

„Иако во изминатите години беа активни неколку мерки за поттикнување на вработувањето на млади и поттикнување на претприемништвото, како што се мерката ‘Гаранција за млади’, програмата за практикантство во рамки на проектот ‘Поддршка за вработување на млади’, мерката исплатата на младински додаток и слични мерки, сепак младинската невработеност сè уште е еден од клучните предизвици во нашата земја“, велат од ЛЕАД.

Друг клучен тренд нотиран во документот се преференците на младите за работни позиции. И понатаму најпосакувана работна позиција кај младите е работа во јавната администрација со 56 отсто, што оддава впечаток на ниска свест на младите за стекнување на вештини и нивно пласирање во приватниот сектор.

Трет клучен тренд е фокусот на технички и ИТ вештини на младите при избор на трет циклус на студии и идна професија.

„Интересот во последните 6 години е речиси 100% зголемен за компјутерските науки, додека за правните и економските науки кои традиционално привлекуваат најголем број на студенти, интересот пропорционално се намалува секоја година и во последните 6 години е опаднат помеѓу 50% и 90%“, се наведува во документот.

Бидејќи една од причините за високиот степен на младинската невработеност е недостатокот на вештини кај младите, како и можностите за стекнување на вештини, Здружението информираше за двете креирани публикации кои ќе им помогнат на младите да стекнат вештини за вработување и работа, но и на едукатори кои работат со млади во насока на нивно подобро позиционирање на пазарот на трудот.

Едната публикација е „Прирачник за млади: Стекнување меки вештини за личен и професионален развој“ и истата има за цел да им понуди на младите сет на вештини потребни за подобра позиција на пазарот на трудот.

Втората публикација наменета за да им помогне на сите едукатори кои работат на личниот и професионалниот развој на младите претставува едукациска програма за вештини за вработување. Истата е достапна на овие линкови – на македонски и на албански јазик.

Документот дава препораки за адаптирање на образовните програми, воведување на програми за меки вештини, стипендирање на младите за преквалификација кај понудувачите на услуги за стекнување на вештини, вклучување на практичен дел во програмите на универзитетите и алоцирање на буџетски средства за реализација на Законот за младинско учество и младински политики.