Тендерот за депонијата во Свети Николе сè уште се разгледува, нема најави кога ќе се распише

Депонијата, која ќе треба да биде првата што ќе работи според европски стандарди во земјава, треба да ги задоволи потребите за одложување и селекција на отпадот на општините во Источниот и Североисточниот регион

Тендерската документација за избор на компанија која ќе треба да ја изгради првата регионална депонија во земјава во селото Мечкуевци, Свети Николе сè уште чека одобрување. Тендерот за овој капитален проект, за кој земјава доби грант средства од Европската Унија, беше најавено дека ќе биде распишан најдоцна во јануари годинава, но сепак, повеќе од половина година подоцна сè уште се чека чешлање на документацијата.

Депонијата, која ќе треба да биде првата што ќе работи според европски стандарди во земјава, треба да ги задоволи потребите за одложување и селекција на отпадот на општините во Источниот и Североисточниот регион.

Од Министерството за финансии велат дека не можат да даваат информации до каде е предметот со тендрската документација, оти така им наложуваат правилата на Европската Унија.

„Согласно воспоставениот систем за индиректно управување со средствата од ИПА 2, а во согласност со ПРАГ процедурите, документите и постапките во рамки на фазата на тендерирање и склучување на договор се предмет на претходно одобрување од страна на Делегацијата на ЕУ. Оттука, имајќи ја предвид доверливоста на постапките на ЕУ јавни набавки, споделувањето на информации од ваков карактер претставува нарушување на принципите на тајност и доверливост на постапките на ЕУ јавни набавки“, стои во одговорот од Министерството за финансии.

Во 18 општини од двата региони во моментов се проценува дека се создаваат околу 112.094 тони отпад годишно, кои сега се исфрлаат на над 120 локации на нелегални депонии и ѓубришта, но и општински депонии и кои работат без никакви стандарди. Во моментов во тек е проект за затворање и расчистување на овие депонии, што започна во 2021 година и за кој ќе се потрошат 10 милиони евра.

Од Министерството за животна средина велат дека тендерот за избор на компанија ќе биде распишан веднаш штом завршат процедурите во Министерството за финансии и во Делегацијата на Европската Унија. Изградбата, според тендерската документација, мора да заврши до крајот на 2026 година, доколку не сакаме да пропаднат средствата од над 20 милиони евра грант доделени на земјава преку европските финансиски линии.

Според Студијата за оцена на влијанието врз животната средина и најавите од Министерството за животна средина, регионалната депонија ќе се состои од системи за собирање и за примарна селекција на отпад, транспорт, претоварни станици, секунардна селекција на отпадот и создавање суровини кон рециклатори, извлекување материјали и депонирање на отпадот кој не е можно да се врати во стопанските текови како суровина. Дополнително, предвидено е да се постави и мрежа за извлекување биогас од депонијата за понатамошна енергетска употреба.

Домаќинствата ќе имаат две корпи, за отпад што се рециклира и за мешан отпад. Градинарскиот отпад ќе се собира одделно и ќе се носи на компостирање. Системот ќе се состои од шест локални постројки за управување со отпад во Берово, Македонска Каменица, Виница, Штип, Ранковце и Куманово и една централна постројка во Свети Николе. На локалните постројки ќе има и собирно место за мешан и посебен отпад од граѓаните како градежен отпад и шут, кабаст отпад како душеци, мебел, теписи и слично, метални предмети, старо железо, радијатори итн., комунален опасен отпад како бои, лекови, средства за чистење, итн и електричен и електронски отпад. Металот, пластиката, хартијата, картонот и стаклото ќе се класифицираат и сортираат, а мешаниот отпад ќе се набива и ќе се транспортира на централната постројка за управување со отпад во Мечкуевци.