„ТЕ-ТО“: Сите активности на компанијата се одвиваат согласно законите

Компанијата „ТЕ-ТО“ АД Скопје ја поздравува одлуката на надлежниот Суд за одобрување на планот за реорганизација со цел финасиска консолидација на компанијата и овозможување истата да продолжи редовно да работи што е во интерес на државата, вработените, акционерите и корисниците на нејзините услуги, се вели во реакцијата на компанијата на обвинувањата од страна на директорот на „Топлификација“ АД, Димитар Хаџи-Мишев, дека „ТЕ-ТО“ отворил лажна стечајна постапка за да не го исплати долгот кон „Топлификација“ од 30 милиони евра.

Од таму додаваат дека „ваквата одлука на Судот, која е донесена согласно законските одредби, следува откако доверителите со над 85 отсто од побарувањата дадоа согласност за реализација на понудениот план за реорганизација.“

„Меѓу овие доверители е и реномирана Германска банка чиј глас беше клучен за изгласувањето на Планот. Планот за реорганизација е изготвен според објективни критериуми, согласно сите законски процедури и предвидува рамноправен третман на сите доверители кои припаѓаат на соодветна класа на доверители, како што е предвидено со закон.  Уште еднаш напоменуваме дека сите активности на „ТЕ-ТО“ АД Скопје се одвиваат согласно законите на Република Македонија. Наводите што ги изнесува во јавноста одредена заинтересирана страна во постапката се невистинити и целосно ги отфрламе. Тие наводи претставуваат обид за манипулација со пошироката јавност со крајна цел вршење притисок врз независните судски органи“, велат од „ТЕ-ТО“.