СЗО предупреди на епидемија на колера во поплавените делови од Украина

Вонредната состојба создадена со уништувањето на браната продолжува да создава проблеми за граѓаните и украинските власти

фото: Државна служба за итни случаи на Украина / Укринформ

Најмалку едно лице загинало, а неколку се ранети во руските воздушни напади врз Украина што се случиле во текот на изминатава ноќ, информираа украинските власти, а пренесува Укринформ.

Еден цивил е убиен, а тројца се ранети во градот Звјахел во регионот Житомир. Според првичните информации, уништени се шест згради, а уште десетици се оштетени.

Украинската војска соопшти дека соборила четири од шест проектили лансирани за време на нападот, за кој рекоа оти траел околу шест часа.

Укринформ објави дека во изминативе 24 часа убиен бил и жител на регионот Доњецк, кој постојано е под оган од руските војници.

Според украинската новинска агенција, вчера бил гранатиран и регионот Херсон, при што загинале две лица.

„Во текот на изминатиот ден, непријателот изврши 44 напади, испукувајќи 188 гранати од минофрлачи, артилерија, беспилотни летала и авиони. Непријателот истрела 25 гранати врз градот Херсон“, напишал на Телеграм шефот на регионалната воена управа на Херсон, Олександар Прокудин, а пренесува Укринформ.

Регионот Херсон е погоден од поплавите по разнесувањето на браната Нова Каховка на Дњепар, а украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повтори обвинувањата оти Русија ги отежнувала напорите за спасување и евакуација со гранатирање.

Според Зеленски, властите инсталирани од Кремљ во окупираните области „ги оставаат луѓето на нивната судбина“, пренесува Би-би-си.

„Катастрофата таму се проширува веќе два дена. И ова е исто така апсолутно свесен избор на руското раководство“, рече Зеленски.

Инаку, Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на ризик од појава на колера во областите погодени од поплавата од браната во јужна Украина.

Како што јавува Би-би-си, шефот на СЗО, Тедрос Гебрејесус рекол дека влијанието на поплавите и уништувањето на инфраструктурата не смеат да се потценат и дека ќе бидат погодени санитарните системи.

Техничкиот офицер за одговор при итни случаи во СЗО, Тереза Закарија, вели дека не забележале случаи на колера од почетокот на војната, но траги од бактеријата претходно биле пронајдени во Украина. Таа додава оти поплавите го засилиле надзорот во овие области за болестите што се пренесуваат преку вода.

Вонредната состојба создадена со уништувањето на браната продолжува да создава проблеми за граѓаните и украинските власти. Еден од најголемите предизвици е како да се одржуваат резервите за вода за пиење во многуте градови кои некогаш зависеле од браната и акумулацијата зад неа.