Судскиот совет денеска ја разреши Софија Лаличиќ

Зградата на Основен кривичен суд и Основен суд Скопје 2 | Фото: Архива на Мета

Судскиот совет денеска донел одлука за разрешување на судијката Софија Лаличиќ од Кривичниот суд во Скопје. Одлуката е донесена со 11 гласа „за“ и 2 гласа „против“. Образложението за ваквата одлука е дека судијката Лаличиќ нестручно и несовесно си ја вршела својата функција.

„Истовремено донесена е Одлука со која времено се оддалечува од вршење на судиската функција до правосилно завршување на постапката“, се наведува во известувањето за денешната седница на Судскиот совет.

Инаку, судијката Лаличиќ се слушна и во „бомбите“, кои тогашната опозициска партија СДСМ ги објавуваше пред шест години во контекст на партизација на судството. Таа се слушна во разговор со Сашо Мијалков, во кој тој вели дека ѝ завршил работа, а потоа зборуваат за избирање на други судии и купување подароци од „Сваровски“.

Судскиот совет во изминатиов период разреши неколку други судии од нивните функции. Последна беше разрешена врховната судијка Лидија Неделкова, а претходно од Врховниот суд беше разрешен и Јово Вангеловски. Заради злоупотреби на АКМИС системот, беа разрешени и Владимир Панчевски од Кривичниот суд во Скопје и Татјана Михајлова, поранешна в.д. претседателка на Кривичниот суд во Скопје.