Судот им ги врати пасошите на Савески и на Куновски

Судијката Весна Петровска-Тагасовска на денешното рочиште на членовите на Левица, Владимир Куновски и Здравко Савески, на барање на одбраната, им ги укина превентивните мерки, јави „Академик“.

Освен укинување на превентивните мерки, одбраната побара и дополнително време за разгледување на новите докази, кои на денешното рочиште ги достави Обвинителството.

Обвинителството до судот и до одбраната достави докази – имотен лист и одлука на Владата на Република Македонија, со кои докажува дека просторот во кој се наоѓаше Народната канцеларија на Претседателот на РМ е државен, имот кој бил отстапен на користење за потребите на Претседателот на РМ.

Одлуката е од декември 2011 година, наведе обвинителката Снежана Бундалевска.

– Има повеќе правни субјекти кои се лоцирани на локацијата на улица Вељко Влаховиќ, бр. 7, односно според катастарот, има повеќе објекти. Ние ги извадивме сите имотни листови и, по наше мислење, сметаме дека тој објект, за кој денеска ни беше дадена одлука на Владата, не е односниот објект, но ќе ни треба време да го проучиме и можеби ќе ангажираме и вешто лице кое ќе ги спореди и нашите имотни листови и ќе изврши идентификација за кој објект станува збор – рече адвокатот на одбраната, Сашо Дуковски.

Застапникот на Државното правобранителство, пак, кое пријави штета од 522.000 евра поради демолирањето на Народната канцеларија, вели дека со доказот приложен од Обвинителството се докажува дека имотот во кој била сместена канцеларијата е сопственост на државата.

Рочиште за судењето на Савески и на Куновски е презакажано за 13 септември.

Членовите на Левица се товарат за демолирање на народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов.