Студенти и професори: Ќе прават нешто, ама прво чекаат на Иванов

Професорскиот и студентскиот пленум сè уште немаат конкретни чекори кои планираат да ги преземат откако пратениците вчера го изгласаа Законот за високо образование. И од двата пленума велат дека немаат намера да се откажат од барањето да се повлече спорниот закон, но сè уште не знаат кои ќе им бидат наредните чекори.

Жанета Трајковска од „Професорски пленум“ вели дека сега ја чекаат одлуката на претседателот Ѓорге Иванов.

– Ние вчера уште еднаш го објавивме отвореното писмо до Иванов и сега ќе оставиме простор да видиме дали ќе одлучи да го потпише или да не го потпише Законот за високо образование. Во меѓувреме, ќе имаме координации и состаноци на кои ќе ги договориме нашите следни потези – вели професорката Трајковска.

studentski plenum

И за „Студентски пленум“, борбата продолжува. Младите пленумци уште вчера објавија дека нема да се откажат. Тие порачаа дека студентите не стивнуваат и дека чувствуваат граѓанска одговорнност да ја заштита слободната мисла. Велат дека авторитетите не смеат да бидат апсолутни  и затоа ќе бојкотираат, ќе блокираат и ќе окупираат.

Дарко Малиновски вели дека сè уште се координираат и наскоро ќе излезат со конкретни мерки.

– Во ниту еден случај не се откажуваме. Наредниве денови ќе излеземе со конкретни мерки, но ова нема да запре тука – вели Малиновски.