Стружанец пронашол повредено мече покрај пат и веднаш го однел на ветеринар

Фото: Приватна архива на Гоце Митрески

Стружанецот Гоце Митрески вели дека пред неколку дена пронашол мало кафеаво мече завиткано во трња кое било видно повредено, дезориентирано, дехидрирано и тешко се движело поради повреда на едната нога. Митрески возел на патот од Струга кон Радожда и, како што вели тој, кога го забележал мечето застанал, видел дека нешто не е во ред, го зел и веднаш го однел на ветеринар во Охрид.

„Јас, кога го видов мечето веднаш го зедов и го однесов на ветеринар во Охрид. Според местото каде што го најдов мислам дека паднало од карпа. Беше завиткано во трња“, вели Митрески во изјава за Мета.мк додавајќи дека ветеринарот на мечето му дал витамини и друга терапија.

„Сега веќе е добро, уште малку криви на ногата ама мислам дека е добро“, вели Митрески.

Тој на мечето му дава мед и овошки, потоа јагоди и праски, но, како што вели, не знае што да му прави понатаму. Вели ќе мора да го врати каде што го нашол бидејќи не може да го чува дома.

„Го гледав цела ноќ на камера и веќе станува и се движи, но бидејќи е подобро не дозволува да го допирам“, вели Митрески.

Тој сега очекува инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство да направат записник за мечето кое според проценката на ветеринарот што го прегледал има околу 3 месеци.

Друга можност преставува згрижување на мечето од страна на активистите од Four Paws (Четири Шепи) од Бугарија бидејќи кај нас не постојат центри за спасување на диви животни.

Димитар Иванов од Four Paws Бугарија за Мета.мк вели дека веднаш штом разбрале за случајот контактирале со надлежните од Северна Македонија и дале соодветни насоки за да се отпочне процедура за спасување.

„Мечето според законот е сопственост на Министерството за животна средина и тие треба да издадат решение. Ние го испративме нашето мислење во кое се објаснети и можностите. Најдобро е да се најде начин за тоа мече да се рехабилитира, како што веќе два пати правевме со мечиња од Македонија во Бугарија. Тоа би било идеално решение, но тоа не зависи само од нас. Ние сме расположени да помогнеме на институциите за побргу да се заврши процедурата бидејќи колку подолго мечето ќе остане во контакт со луѓе во несоодветни услови, толку понеизвесна ќе биде рехабилитацијата и враќањето во природа“, рече Иванов.

Активистката за правата на животните, Тина Мицковска, вели дека по добиената информација за мечето од Струга веднаш ги известила сите надлежни институции. Таа се надева дека за мечето ќе се најде брзо решение.

„Секоја чест за хуманоста и обидот за спасување на ова мече. Веднаш ги поврзав со Four Paws и Паркот на танцувачките мечки од Бугарија со кои постојано се во контакт околу лекувањето, грижата и однесувањето на мечето“, вели Мицковска додавајќи дека ова не е прв ваков случај, а кафеавата мечка е национално богатство и заштитен вид.

Како што додава таа пред неколку месеци заедно со претставници на Four Paws имале средби со Генералниот секретар на Владата и во Министерството за животна средина во однос на можноста за отворање на резерват за мечки во Македонија, но и спасувачки центар за диви животни.

„Се надевам и апелирам пред сè ова да биде приоритет во најскоро време, бидејќи со години диви животни завршуваат или во зоолошки градини или за жал убиени во природа бидејќи биле пуштени, а не рехабилитирани целосно“, рече Мицкоска.

Дополнителна сложеност на прашањето му дава непостоењето на резерват за диви мечки или центар за спасување на диви животни, како и многубројните меѓуинституционални бирократски процедури околу тоа кој е надлежен за ваков вид прашања. Од Секторот за здравствена заштита и благосостојба на животните при Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека веќе се преземаат активности за да се спаси мечето. Оттаму додаваат дека постои можност за наоѓање решение преку негово згрижување во други земји. Но, најпрво треба да се види какви точно повреди има мечето бидејќи сè уште оди тешко.

Сепак, како што вели Гоце Митрески, кој што и го пронашол мечето, најдобро е тоа да биде вратено во дивината близу до местото каде е најдено.

Скоро две децении државата никако да го основа центарот за згрижување на диви животни