Иако концептот за правата на животни обично се поврзува со заштита и благосостојба на домашни животни, еднакви права имаат и дивите животни. Нивната заштита е предвидена со Законот за заштита на природата, каде се предвидува заштита на биолошката разновидност која ја сочинуваат и дивите животни и Законот за ловство, а и Кривичниот законик.
Сепак, поразителен е фактот што до сега ниту еден случај на труење на диво животно во земјава не завршил со казнување на сторителот. Казна не е изречена ниту ако животното е заштитено или во опасност од исчезнување, а истрагите за шверц на диви животни немаат епилог. На дивите животни не се внимава ни при изградба на патиштата, па така во недостаток на био коридори тие често се и жртви а и причини за сообраќајни несреќи.
Портпаролката на Зоолошката градина Скопје во разговор со Мета.мк рече дека за жал кај нас во Македонија многу малку внимание се посветува на животните, како на дивите, така и на бездомните.
„Сведоци сме на изумирање на рисот, вид со кој треба да се гордееме. Сведоци сме на постојан нелегален лов и брутално убивање на мечки, волци, елени, срни. Многу диви животни се држени во заробеништво, на ланец, со тежок оков или во мал кафез низ целата држава, а неретко во голем дел ресторани има нелегално препарирани животни“, рече Мицковска.
Иако за кус период ЗОО Скопје значително ги подобри условите во кои живеат животните – бебињата и новите животни, често е тема во светските медиуми, како National Geographic. Мицковска се надева дека во блиска иднина ќе може да направат уште подобрувања, а и еден мини карантин-спасувачки центар за да може да одговорат и на секојдневните молби за помош за некое животно од надвор.
„Еден од следните чекори е и реновирање на живеалиштето за мечки, со цел да добијат што подобри услови“, најави Мицковска.
Зоолошки градини со нехумани услови, по секоја цена најважна е благосостојбата на животните
Но, за разлика од зоолошката градина во главниот град, состојбата во другите зоолошки градини низ нашата земја е разочарувачка. Мицковска вели дека од посетата во Битолската сè уште има измешани емоции.
„Треба да поработат многу на реновирање на живеалиштата, како и ветеринарната грижа за секое едно животно. Во Штип исто така постои зоолошка од каде што го спасив мечето Теди, која треба да се реновира или да се затвори доколку тоа не е возможно. Мислам дека надлежните институции треба да воведат поголема контрола врз овие ЗОО градини. Сепак најважна е благосостојбата на животните по секоја цена“, апелира Мицковска.
Ставот на Македонското еколошко друштво (МЕД) е дека дивите животни не треба да да се чуваат во заробеништво, освен ако не станува збор за сертифицирана зоолошка градина или прифатен центар.
„Во тој случај треба да се обезбедат соодветни услови, односно да се почитуваат начелата на Европската асоцијација на зоолошки градини (EAZA)“, препорача Александар Павлов од МЕД.
Шверцот на дивите животни и криволовот се резултат на немањето капацитети кај надлежните
Според полициските, царинските информации, а и информации од активистите кои се борат за заштита на правата на животните, со кои располага Мета.мк, ловокрадството и шверцот со диви животни ендемични за нашето подрачје, фрапантен е и феноменот со шверц и со егзотични видови.
Павлов смета дека е потребно интензивно да се работи на јакнење на капацитетите на надзорните органи, но исто така низ едукација на населението да се подига јавната свест за важноста на дивиот свет и биолошката разновидност во целост. Според него и покрај постоечката законска регулатива што ја уредува заштитата на дивите животни постоењето на криволовот е резултат на немањето капацитети кај надлежните за контрола на поголеми подрачја.
„Се чини дека заштитата на дивите животни не ужива високо место во листата на приоритети кај државата“, нагласи Павлов.
„Во изминатите години имавме многу случаи на спасување на повредени диви животни и птици или пак диви животни кои нелегално биле продавани на огласи на интернет. Низ државата се чуваат многу диви животни во заробеништво, во никакви услови и нелегално, но во соработка со Инспекторатот за животна средина и МВР заеднички дојдовме до поразителен заклучок – ќе одиме заедно, ќе ги одземеме, но што понатаму, каде да ги сместиме“, вели Мицковска нагласувајќи дека всушност токму ова прашање сè уште нема решение.
Болна точка е каде да се згрижат запленетите и спасените животни
„Ова е всушност болната точка. Нема каде да се однесат тие животни. Иако ете, дел од институциите сакаат да соработуваат и да се борат против оваа проблематика, на крај пак се враќаме на почеток бидејќи не постојат центри за згрижување на овие животни. Инаку според податоците на Царина, најчесто се шверцуваат папагали и рептили, а најскандалозен секако беше случајот со шверцот на мали лавчиња“, рече Мицковска потесетувајки на случајот со лавчето Симба со кое кумановци се фалеа на социјалните мржи.
Активистите за заштита на животните апелираат дека треба да се реагира за случаите во кои диви животни бесправно се чуваат во заробеништво по разни угостителски објекти и приватни домови.
Павлов апелира дека не само што не треба да се остави можност за регистрирање вакви „капацитети“, туку напротив, чувањето диви животни во заробеништво треба да им се препушти на стручни установи кои доследно ќе ги почитуваат законските одредби што предвидуваат обезбедување благосостојба на овие животни.
Мицковска, исто така нагласува дека секоја зоолошка мора да поседува дозвола од Министерство за животна средина, а доколку нема таква дозвола, станува збор за нелегална зоолошка градина. Според неа низ многу ресторани има приватни ЗОО градини кои треба да се проверат, но повторно се отвора прашањето: „каде да се згрижат одземените животни потоа?“.
Скоро две децении државата го прави центарот за згрижување на диви животни
МЕД веќе одамна ја поддржува иницијативата за отворање на центар за згрижување на диви животни. Целта на овој центар треба да биде згрижување на повредени автохтони животни или млади единки останати без родители, на кои им е потребна медицинска помош, односно помош да достигнат возраст на која ќе бидат способни да преживеат во природа.
Потребата за ваков центар е препознаена од пред најмалку 20 години, а е особено актуализирана во последните 8 години.
Според активистите во овој центар за кој сè уште нема информација од надлежните институции кога ќе биде изграден, би можело да се создаде и простор за згрижување на запленетите животни. Професорот од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, Мишо Христовски, во поранешен разговор на оваа тема нагласи дека ако овој центар беше изграден до сега, во случај истражните органи да го пронајдат Симба, ќе постоеше можност да биде згрижен токму таму. Павлов смета дека овој центар е неопходен и дека треба да се случи што поскоро.
Во недостаток на ваков објект, Мицковска била приморана да бара помош од странски организации.
„Соработката е највеќе со Four Paws (Четири Шепи), светска невладина организација за заштита на животните која се бори да биде спасено секое диво животно. Тие ми помогнаа и во спасувањето на мечето Теди заедно со фондацијата на Брижит Бардо и бескрајно сум им благодарна за тоа. Со нив и понатаму ќе работиме на спасувачки мисии, се надевам во иднина уште повеќе“, рече Мицковска, која смета дека кај нас се потребни повеќе резервати каде ќе се згрижуваат повредените диви или животните спасени од шверцери и ловокрадци.
„Не само еден, туку и повеќе. Еден резерват за мечки, еден спасувачки центар за помали диви животни, како и оградени репроцентри во националните паркови. Тоа е она што треба најитно да се направи и ќе апелирам секаде додека не се исполнат овие барања и на активистите и на експертите“, заклучи Мицковска.
Автор: Илинка Иљоска