Струга полна со кучиња-скитници, вакцини за каснатите нема, надлежните без решение

Фото: Порталб.мк

Иако кучињата-скитници го загрозуваат движењето и безбедноста на граѓаните во општина Струга, надлежните органи со години не успеваат да најдат решение за овој проблем. Луѓето каснати од кучињата-скитници по лекувањето во Струшката болница принудени се да одат на вакцинација во Охрид. Локалните власти во Струга велат дека се обидуваат да најдат решение, но дека тоа е проблем кој не можат да го решат сами. Но, од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) велат дека за ова прашање, од општината досега не им се обратиле за било каква помош, пишува Порталб.мк.  

Во Струга секој ден е сè поголем бројот на нападнати, па дури и каснати граѓани од кучињата-скитници кои шетаат низ градот во групи од по 7-10 кучиња. Од страв да не бидат каснати, граѓаните се принудени да го ограничат движењето или да се движат само со автомобили. Од Хируршкото одделение во Струшката болница велат дека од јануари до октомври годинава извршиле околу 50 интервенции кај лица каснати од кучињата-скитници.

Лицата каснати од кучињата-скитници по лекувањето во Струшката болница принудени се секој трет ден да одат на вакцинација во Охрид, бидејќи градската болница ги нема вакцините кои треба да се примат по каснувањето.

„Пред две вечери ме нападна глутница кучиња-скитници во паркингот на еден ресторан. Беа тоа 10-тина бесни кучиња кои наеднаш се стрчаа кон мене, беа многу блиску, се блокирав и не знаев што да правам. За среќа во моментот пред нив помина автомобил и успеав да заминам и да влезам во мојот автомобил“, изјави еден стружанец.

„Иако основното училиште нѝ е многу блиску до куќата, јас не се осмелувам да го оставам детето само да оди на училиште, бидејќи наоколу има многу кучиња-скитници. Често мораме да ја менуваме рутата кога гледаме дека кон нас идат 3-4 кучиња“, вели еден друг стружанец.

Меѓутоа, според податоците, во СВР Охрид пријавени се само 15 случаи.

Од општина Струга свесни се дека проблемот со кучињата-скитници во градот во последно време стана многу сериозен и велат дека се обидуваат да најдат долгорочно решение за овој проблем.

„Менаџирањето со кучињата скитници е голем проект, и ние како општина, како и другите општини, не можеме сами да го менаџираме. Поради оваа причина се обративме до Центарот за управување со југозападниот плански регион, за да го преземе овој проект за целиот регион кој опфаќа повеќе општини. Дадовме и предлог решавањето на ова прашање да го преземат најкомпетентните институции, како на пример Агенцијата за храна и ветеринарство. Секоја општина да одвои средства од својот буџет за кучињата кои ќе се пренесат на Агенцијата, а таа да ја преземе одговорноста за нивното менаџирање со помош на ветеринарните станици и професионалниот кадар за третирање кучињата“, велат од општина Струга.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека општините сами треба да се грижат за кучињата скитници и да обезбедат соодветни услови за животните како и безбедноста за граѓаните.

„Општините се одговорни за решавање на проблемот со кучињата скитници во територијата на нивната општина. До сега Општина Струга не се обратила до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и не побарала помош за решавање на ова прашање. До АХВ не е доставена за одобрување никаква програма за контрола на популацијата на кучињата. Доколку општина Струга поднесе барање за било каква техничка помош или совет до АХВ, ние како институција ќе одговориме на барањето според можностите, надлежностите и делокругот на дејствување да ѝ помогнеме на оваа општина да создаде систем за контрола на популацијата на кучињата скитници“, изјавија за Порталб.мк од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од оваа институција додаваат дека општина Струга до архивата на Агенцијата за храна и ветеринарство до сега нема поднесено барање за добивање на одобрение за прифатилиштето за кучиња.

Ниту една од општините во југозападниот регион нема прифатилиште за кучиња-скитници. Владата одвои 380.000 евра за изградба на стационар во општина Кичево, но сè уште нема никаков конкретен резултат од овој проект. Всушност, Скопје е единствениот град во Северна Македонија кој моментално има посебни јавни претпријатија за третман на кучињата-скитници.

Известување од локалните медиуми за состојбата со кучињата скитници во Струга. Фотографиите се направени во близина на дворот на ОУ „Браќа Миладиновци“.