ССНМ: Одлуката за штрајк на новинарите на МПМ останува за 17 февруари

И покрај делумно исполнетото барање за исплата на декемвриската плата, одлуката за штрајк во организација на Сојузот на синдикати на новинарите на Македонија (ССНМ) во редакциите на „Медиа принт Македонија“ останува, информираат од ССНМ.

Оттаму додаваат дека доколку не дојде до преговори и до исполнување на барањата, штрајкот ќе почне како што е планирано, на 17 февруари.

– Со оглед на тоа што не се исплатени хонорарите, содржани во првото барање и во очекување на исполнување на другите два услови – исплата на јануарската плата и хонорари до 15 февруари, како и информација за плановите на менаџментот за следните шест месеци, штрајкувачките одбори на „Утрински весник“, „Дневник“ и на „Вест“ остануваат на одлуката за штрајк – додаваат од ССНМ.