Србија нема да го поддржи македонскиот кандидат за генерален секретар на ОН

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, денеска изјави дена кандидатите на Македонија, Црна Гора и на Хрватска за генерален секретар на ОН нема да ја имаат поддршката на Србија.

– Тоа би било како да ме прашате дали би поддржале предлог од Албанија – рече Дачиќ на прес-конференција во Белград.

Тој рече дека станува збор за сериозна функција и оти Србија мора да води сметка кому ќе ја даде својата поддршка.

Дачиќ истакна дека не станува збор за тоа дали имаат нешто против некој од кандидатите, туку за политика, притоа потсетувајќи дека некои земји во регионот, за меѓународни прашања што биле важни за Србија, гласале спротивно на интересите на официјален Белград.

Претседателот на 62. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации и поранешен македонски амбасадор во Германија, Срѓан Керим, е кандидат од Македонија за генерален секретар на ОН.