Специјалната обвинителка го состави својот тим, чека амин од Советот на обвинители

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, денеска на прес-конференција соопштила дека го составила тимот на јавни обвинители што ќе ѝ помагаат во решавањето на наводите од содржината на снимките од „бомбите“ на опозицијата, јавува „Нова ТВ“.

Јанева соопштила дека до Советот на јавни обвинители ќе ги предложи имињата на 14 обвинители кои ќе бидат дел од нејзиниот тим во Специјалното обвинителство.

Како што пренесува „Нова ТВ“, станува збор за обвинителите Артан Ајран, Бурим Рустеми, Гаврил Бубевски, Дарко Јакимовски, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Ленче Ристовска, Лиле Стефанова, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Снежана Бундалевска, Стевчо Дончев, Трајче Пеливанов и Фатмир Фетаи.

Сите предложени се од редовите на постојните обвинители, кои работат во јавните обвинителства во повеќе градови во земјата.

Специјалната обвинителка истакнала дека станува збор за истакнати професионалци, а нивниот број е неопходен за успешно извршување на работата на обвинителството со кое раководи.