Совет за безбедност: Состојбата во земјата е стабилна, внимателно се следат настаните во регионот

Состојбата во земјата и во регионот е стабилна и засега нема индиции дека би биле загрозени границите или пак интегритетот и суверенитетот. Сите надлежни институции во континуитет ги следат ситуациите коишто потенцијално би можеле да прераснат во посериозен проблем, како што е мигрантската криза, е констатирано на конститутивната седница на Советот за безбедност која денеска се одржа во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Како што изјави претседателот Пендаровски, ова е прва седница по цели три години на Советот за безбедност кој е уставна категорија и исклучително важен орган, но поради немањето политичка волја, Советот бил маргинализиран и заборавен.

Република Северна Македонија, рече претседателот, е на чекор до полноправно членство во НАТО и до добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ. Работите за влезот во НАТО се движат во добра насока и со добро темпо, но треба внимателно да се следи состојбата.

Одговарајќи на новинарски прашања, претседателот Пендаровски се осврна и на случувањата во регионот, при што посочи дека од влијателни меѓународни фактори пристигнуваат информации за можно заживување на дијалогот Белград-Приштина што може да влијае на состојбите на Западен Балкан. Република Северна Македонија граничи со двете држави и затоа, нагласи Претседателот, треба да бидеме подготвени за сите варијанти кои евентуално може да се случат во рамките на преговорите. Тоа, подразбира ние да ја објаснуваме нашата позиција и кое решение би било најпозитивно за нас како држава.

На седницата присуствуваа постојаните членови на Советот: претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министрите за одбрана, Радмила Шекеринска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Исто така присуствуваа и членовите на Советот, назначени од страна на претседателот Пендаровски: професорите Ненад Марковиќ, Ветон Љатифи и Трајан Гоцевски.

На покана на претседателот на денешната седница на Советот за безбедност присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски и заменик началникот на Генералштабот, генерал – мајор Азим Нуредин.

Покана за учество добил и претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Но, како што изјави претседателот Пендаровски, иако уредно, писмено поканет, нема одговор зошто лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на седницата на Советот за безбедност.

„Сметам дека претставниците на опозицијата, особено на најголемите, најрелеватните опозициски партии мораат да присуствуваат по покана од Претседателот на состаноците на Советот за безбедност, затоа што Советот не е приватна институција на Претседателот и на седниците не се дискутира за приватни и партиски работи. Темата на денешната седница не е работа само на владината коалиција, туку е од суштинско значење за безбедноста на државата. Темата на денешната седница беше безбедносната состојба внатре во нашата земја, Република Северна Македонија и во регионот. Така што моја задача беше да ги поканам сите оние кои мораат да бидат информирани за тоа што се случува на тој план, без разлика кој е на власт а кој во опозиција“, изјави претседателот Пендаровски.

На седницата е договорено Советот за безбедност да се состанува на секои два до три месеци, бидејќи е неопходна редовна размена на мислења за безбедносната состојба.