Сокови со бактерии, туна со хистамин, праски со пестициди: Што сè спречиле инспекторите да заврши на трпезите?

Во врска со присуството на хистамин во конзервираната туна од Тајланд, токсикологот Чибишев вели дека хистаминот внесен преку храна, може да предизвика сериозни пореметувања на функциите во организмот, алергии и тешко дишење

Фото: Pixabay.com

Вкупно 1.225 килограми нектарини од увоз се уништени поради присуство на пестицид хлорфирипос, кој e забранет за употреба во ЕУ и во САД. Освен тоа, инспекторите за храна спречиле и на трпезите на потрошувачите да заврши и конзевирана туна по потекло од Тајланд поради зголемено присуство на хистамин, како и 319 килограми кравјо сирење во кое имало бактерија ешерихија коли.

Колку е штетен пестицидот хлорфирипос и што тој може да им направи на организмите на децата и на возрасните кои консумираат овошје и зеленчук третирани со оваа хемикалија?

Ова е органофосфорен пестицид. Најтоксичен е, се употребува како инсектицид. Внесен во поголема колиина, може сериозно да го загрози животот. Во помали количини консумиран подолго време, може да предизвика оштетување на многу од органите на човековиот организам. Кај децата, може да предизвика пречки во менталниот развој, бидејќи оштетува делови од централниот нервен систем. Ние како клинички токсиколози најмногу се плашиме кога ќе имаме пациент токсициран со овој пестицид, вели проф. д-р Андон Чибишев, директорот на Клиниката за токсикологија.

Во врска со присуството на хистамин во конзервираната туна од Тајланд, тој вели дека хистаминот внесен преку храна, може да предизвика сериозни пореметувања на функциите во организмот, алергии и тешко дишење. За детектирана ешерихија коли во сирењето, Чибишев појаснува дека таа може да се рашири во организмот онаму каде што никогаш ја немало (на пример, во белите дробови) и да направи фатални инфекции.

„Би сакал да видиме каде и како ќе биде уништен овој контингент на токсични нектарини и останата небезбедна храна“, потенцира тој.

За тоа, што сè е уништено како небезбедна храна, како и за бројот на контроли спроведени од почетокот на годинава во домашниот промет на увозот на храна, Мета.мк се обрати до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Оттаму информираат дека од почетокот на годинава, заклучно со јуни, спроведени биле 24.335 инспекциски контроли во внатрешниот промет. Изречени биле вкупно 2.433 инспекциски мерки. Уништени се 37,6 тони и 13.654 литри небезбедна храна од животинско и од неживотинско потекло.

Небезбедно замрзнато пилешко и пиперки со урда

Како што велат во АХВ за Мета.мк, вратени се триесетина пратки со храна од неживотинско потекло кои се извезени од нашата држава, поради несоодветна калибража, немање документ, грешка во испорака, оштетување при транспорт, но, не се вратени поради небезбедност.

„Вратени односно уништени се пет пратки со храна од животинско потекло (месни конзерви од Романија поради oтсуство/неправилен ветеринарно-здравствен сертификат, замрзнато пилешко месо Унгарија (пратката доаѓа од регион кој е под забрана за увоз), пиперки со урда поради отсуство на ветеринарно – здравствен сертификат“, наведуваат во АХВ.

И флаширана вода со бактерии спречена да заврши кај потрошувачите

 

Како небезбедни од увоз, уништени биле четири пратки со храна од неживотинско потекло, додаваат во АХВ.

„Се работи за 1.225 килограми нектарини поради присуство на пестицид хлорафирипос, 6.048 литри освежителни пијалаци поради присуство на бактерии, 36.000 литри вода – присуство на бактерии и 68 килограми намаз од лук поради присуство на адитив над максимално дозволените концентрации“, велат оттаму.

Граѓаните се пожалиле на храна подготвена во валкана средина

До одделението за заштита на потрошувачите при АХВ од почетокот на годинава заклучно со јуни, граѓаните поднеле 101 иницијатива за вршење инспекциски надзор. Постапено е по 62 иницијативи. 19 се во фаза на постапување, а од преостанатите дел се отфрлени дел се препратени до други надлежни институции за постапување. Во истиот временски период поднесени се и 12 претставки и предлози и по сите е постапено.

Со поднесените иницијативи за вршење инспекциски надзор и поднесените претставки и предлози, граѓаните до Агенцијата се пожалиле на купување на храна со поминат рок на употреба, храна подготвена и послужена во нехигиенски услови, несоодветно означена и неозначена храна, сомнежи за труење со храна, како и други претставки кои се однесуваат на квалитетот на прехранбените производи, велат во АХВ.

Од 2015 година во функција е бесплатната линија за потрошувачите 0800 3 22 22. Агенцијата е отворена и за лично пријавување во централата или преку подрачните единици насекаде во земјава. Претставка може да се прати и електронски на [email protected]. Минатата година преку Одделението за заштита на потрошувачите граѓаните поднеле вкупно 390 претставки.

Во лето, на мета се туристичките места

По спроведените вонредни засилени контроли во објекти и оператори со храна туристичките центри во Преспа, Струга, Охрид и Дојран, инспекциски тимови на АХВ продолжуваат со спроведување засилени контроли и во другите туристички центри. На сила остануваат мерките за засилен инспекциски надзор над операторите со храна на целата територија на земјава, во услови на високи летни температури и можни инциденти со храната.

Минатата недела, 54 казни за 54 оператори со храна изрекоа инспекторите за храна, во акција која ја спровеле од 16 до 19 јули, во туристичките места во Дојран, Охрид, Струга и во Охрид. Со вонредните контроли во овие четири туристички центри опфатени биле 112 објекти – хотели, ресторани, времени – кетеринг објекти, месарници и маркети. Од казнетите, на 8 оператори со храна им била изречена забрана за работа до отстранување на констатираните недоследности.

Повторно отворена скопската сендвичарница во која се затруја девет лица

Извор на фотографија: Mogens PetersenPixabay上发布

Што велат резултатите од анализираните мостри во неколкуте случаи на труење со храна? Во АХВ велат дека за досегашните сомнежи за можно труење со храна, во угостителски објект – гостилница во скопската населба Влае и во сендвичарница во скопски Аеродром, по спроведените вонредни инспекциски контроли АХВ ги доби резултатите од земените мостри храна и од работните површини во овие два објекта и истите се негативни, односно, не е утврдено присуство на патогени бактерии.

„За двата објекти издадено е решение за повторно отворање“, велат оттаму.

Изненадува фактот дека надлежните ништо не нашле во храната во сендвичарницата, со оглед на тоа дека дури девет лица пријавиле труење со храна што ја консумирале таму. Од нив, петмина беа лабораториски потврдени со наод на салмонела (Salmonella infection), 3 лица со гастроентероколитис (Gastroenterocolitis) и едно лице со Intoxicatio alimentaris (труење со храна).

Од АХВ информираат и дека негативни се резултатите од лабораториските тестирања на земените мостри храна и брисеви од работни површини во гостиварски ресторан-пицерија каде имаше сомнеж за труење со храна. И за овој објект издадено е решение за отворање на кујната која по пријавувањето на сомнежот беше затворена од инспекциските служби на АХВ.