Собранието по осми пат ја продолжува конститутивната седница

Пратениците денеска со почеток во 11 часот по осми пат ќе расправаат на конститутивната седница на Собранието, на која на дневен ред е изборот на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања и изборот на претседател на Собранието.

Изминатите седум продолженија на седницата поминаа во меѓусебни расправии и надмудрувања помеѓу пратениците за платформата на албанските партии, патриотизмот и за зачувување на унитарноста на државата, а многу малку се дискутираше за предложените членови на Комисијата за избори и за именувања.

За членови во Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ се предложени Илија Димоски, Антонијо Милошоски, Крсто Мукоски, Даниела Рангелова, Димитар Стеванаџија и Благица Ласовска, од СДСМ – Горан Мисовски, Дамјан Манчевски, Петре Шилегов, Мухамед Зекири и Ивана Туфегџиќ, од ДУИ – Џеват Адеми, а од Беса – Зеќирија Ибрахими.

Конститутивната собраниска седница почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.