Со 25 електрични возила нема да се реши аерозагадувањето во Скопје, велат советниците

Само пет советници гласаа „за“ оваа одлука, тројца советници гласаа „против“, а 1 беше воздржан, со што истата не беше усвоена од градскиот совет

Фото: (Joenomias) Menno de Jong на Pixabay

Советот на Град Скопје денеска ја отфрли предложената одлука на градоначалничката Данела Арсовска за доделување субвенции за набавка на нови еко-возила на хибриден и електричен погон од страна на граѓаните и таксистите. Само пет советници гласаа „за“ оваа одлука, тројца советници гласаа „против“, а 1 беше воздржан, со што таа не беше усвоена од градскиот совет.

Горјан Јовановски од советничката група Зелен хуман град рече дека сообраќајот придонесува минорно на аерозагадувањето во Скопје и со набавка на нови возила не се решава овој проблем. Тој смета дека ваквата точка нема смисла, бидејќи ќе има немерливо мал ефект врз аерозагадувањето, а ќе имаме повеќе возила во Скопје.

Јовановски посочи дека цената на овие возила е многу висока, со 20-25 возила нема да се реши никаков реален проблем, а ќе се постави многу лош преседан. Тој рече дека Зелен хуман град нема да ја поддржи ваквата точка.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески рече дека лично има дилеми околу обемот на предложените средства за субвенции. Воедно, тој рече дека нема дилеми за субвенционирањето на возилата на електричен погон, но и дека се двоуми за возилата на хибриден погон. Славески праша зошто се комбинирани возилата на хибриден и на електричен погон во предложена одлука на градоначалничката Арсовска. Тој гласаше воздржано за оваа предложена точка од скопската градоначалничка.

Претходно, Данела Арсовска на прес-конференција рече дека станува збор за пилот проект кој за прв пат се имплементира во Македонија и со кој Градот Скопје ќе субвенционира 200.000 денари по возило.

„Овој проект на градот Скопје е дел од ветувањата од програмата „За Модерно Скопје“ а во оваа фаза го лансираме како пилот проект со кој се детектираат потребите и интересот кај граѓаните. На овој начин ќе се придонесе за дополнително намалување на загадувањето особено во сегментот од испуст на издувни гасови во атмосферскиот воздух од возилата, а едновремено има компонента на поттик на модернизација на јавниот такси превоз во главниот град по примерот на Европските метрополи“, изјави градоначалничката Арсовска.