Скопските пожарникари придружувани од екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ денеска на Водно изведоа показна вежба за гасење шумски пожар со помош на специјална опрема за гасење ваков тип пожари.
Опремата се состои од два шумски трактори (четвороцикли), рачни пумпи за гасење пожар, моторни пумпи за вода, повеќенаменски алатки за гасење пожар, дрон со термална камера и моторни пили.
На избрана локација на врвот на Водно единиците на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и на ЈП „Паркови и зеленило“ покажаа како се гаси запалена нискостеблеста шума со помош на специјалната опрема и специјален адитив со кои за кратко се ограничува ширењето на огнот и се гаси пожарот.
„Се наоѓаме на падините на нашето Водно со цел Градот Скопје да демонстрира дел од новонабавената опрема која што ја користат единиците на Противпожарната бригада и одговорните од ЈП „Паркови и зеленило“ за одржување на Водно, а која е ефикасна при гасење на евентуалните шумски пожари. Дел од оваа опрема Противпожарната бригада ја користеше и при интервенциите што ги имаше ширум државата во екот на големите шумски пожари и токму ефикасноста која што можевте да ја видите придонесе тие шумски пожари да не се рашират“, рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
За гаснење шумски пожари Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) од сега ќе користи и специјален иновативен адитив за гасење пожари на отворено, произведен од македонската компанија „ВТ Продакшн“, која го произведе овој иновативен производ со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој и потоа го донираше за потребите на Противпожарната бригада. Станува збор за адитив кој што се додава во водата за гасење пожари и има уникатна способност да ја зголемува вискозноста и лепливоста на водата која останува на вегетацијата, што го прави процесот на гасење и контрола на шумските пожари многу поефикасен.
Шилегов денеска упати апел до граѓаните да се придржуваат кон забраната за движење во шумските предели која беше воведена во текот на овие топли летни месеци, за да се заштитат од пожари заштитените подрачја Водно и Матка.
„Во периодот од 26.07 до 16.08 на целата територија на Република Северна Македонија имало 106 пожари, а на територија на Град Скопје во периодот од 1 до 15 август имаше 129 пожари. Тоа значи дека на територија на Град Скопје имало повеќе интервенции, од кои 90 се на отворен простор, но ниту еден од нив не беше вон контрола, ниту пак побаравме помош од страна. Интервениравме секаде каде што можевме да интервенираме и секаде каде што беше побарана помош од нас, од пожарот во Старо Нагоричане на 2 август до последниот пожар во Пехчево и Делчево. Има институции кои ќе кажат дали пожарот е подметнат или не, но од нашето искуство се гледа дека причинител е човечки фактор“ објасни денеска командантот на БППЗ на Град Скопје, Владимир Симоновски.