Вечерва (18 октомври) во 19 часот со отворањето на изложбата на плакати од претходните изданија беше отворено 40. издание на Скопскиот џез фестивал.
Изложбата е поставена во Младинскиот културен центар (МКЦ), по отворањето беше одржан и мини концерт на Антоние Весковски, а во киното „Фросина“ беше прикажан документарен филм за Арета Френклин.
На отворањето, директорот на СЏФ Оливер Белопета рече дека Скопскиот џез фестивал е македонски бренд со убедливо најголем број значајни награди (преку четириесет) на светските маркетиншки фестивали, од Порторож до „Гранд при“ на најпознатиот, во Кан. Тој објасни дека изложбата не е конципирана како хронологија, туку како избор на најдобрите од нив.
Кураторот на изложбата „Компликувај едноставно!“, графичкиот дизајнер Небојша Гелевски – Бане, посочи дека името доаѓа од слоганот кој го користел Славомир Стојановиќ – Футро, еден од емнинентите дизајнери застапени на изложбата, чии дела имаат култен статус меѓу љубителите на џезот и поклониците на дизајнот и кој е автор и на годинешниот постер.
Во неговиот говор тој посочи на спецификите на секој од трите периоди опфатени со изложбата: првиот период на „аналоген“ графички дизајн (1982-1993), вториот во кој инспирација се музички инструменти претставени преку фото-манипулации и типографски решенија (1994-1999) и третиот период во кој преовладува минимализмот со асоцијации на музиката (од 2000 г. до денес).
Гелевски истакна дека покрај дизајните на плакатите, за брендингот на фестивалот придонеле и висококвалитетните видео-спотови кои се снимани со филмска камера.
„Моја проценка е дека плакатот денес, во дигиталната ера, е изложен на повеќе погледи од претходно“, заклучи Гелевски, oбрнувајќи внимание на современите текови. Според него, пренесувањето знаења за плакатите на СЏФ и практична вежба за правење плакат од студентите би морало да биде неодминлива дел од наставата на факултетите по дизајн во земјата.
На изложбата се претставени репродукции на 24 плакати од Глигор Чемерски, Митко Хаџи Пуља, Љубомир Фрчковски, Роман Чизлевич, Славимир Стојановиќ – Футро и на Милчо Серафимовски, Карло Меѓугорац, Митја Миклавчич, Рок Крегељ, Гордана Вренцовска, Јана Мишева, Неда Фирвова, Ивица Спасовски, Таби Азири и Зоран Кардула.
Главната програма на Скопскиот џез фестивал ќе се одржи од 20. до 24. октомври и опфаќа концерти во Националната опера и балет и МКЦ, како и прикажување документарни филмови во киното „Фросина“.