СИРИЗА победи на изборите во Грција, Нова демократија го призна поразот

Грчкиот народ одлучи да ѝ даде втора шанса на СИРИЗА и на нејзината досегашна влада. Според првите официјални резултати на 21 процент од пребројани гласови, СИРИЗА води со 35,4 проценти од гласовите, а Нова демократија освоила 28,2 проценти. Разликата меѓу двете партии се очекува дека ќе биде повеќе од 7 проценти.

Дора Бакојани, пристигнувајќи во седиштето на Нова демократија, го призна поразот и му посака успех на Алексис Ципрас.

Трета партија, според резултатите, останува неонацистичката Златна зора со 7,3 проценти од гласовите. Партијата, и покрај апсењето и затворањето на лидерите на партијата, не изгуби дел од својата поддршка, а според анектите на медиумите, била омилена партија кај невработените грчки гласачи.

Четврта партија, која се смета за еден од воскреснатите политички фактори и побединици на вечерта, е ПАСОК со 6,5 проценти од гласовите, зад која е Комунистичката партија со поддршка од 5,5 проценти. Партијата Река доби поразителни 3,8 проценти од гласовите, Независни Грци – 3,7 проценти, додека пак малечката партија Унија на центарот добива 3,5 проценти од гласовите и веројатно влегува во парламентот првпат.

Партијата на „одметниците“ од СИРИЗА, Народно единство на Панајотис Лафазанис, по сè изгледа нема да влезе во собранието, бидејќи засега има само 2,7 проценти од гласовите.

Според првите резултати, СИРИЗА би добила 144 пратеници, Нова демократија – 75, Златна зора – 20, ПАСОК – 17, Комунистичката партија – 15, Река – 10, Независни Грци – 10 и Унија на центарот – 9 пратеници.

Првите официјални резултати покажуваат дека предизборните анкети кои покажуваа мало водство или израмнетост меѓу СИРИЗА и Нова демократија повторно погрешија.

Во СИРИЗА владее големо задоволство од исходот од изборите, особено по внатрешниот раздор во партијата, кој се појави по одлуката да се потпише трет меморандум за штедење со ЕУ. Извори од партијата стојат на ставот дека во првите три дена СИРИЗА ќе успее да формира влада и Грција нема да мора да минува низ нови перипетии.

Ципрас пред малку со голема насмевка, придружуван од неговата партнерка, пристигна во штабот на СИРИЗА дочекан од голема еуфорична толпа поддржувачи. Резултатите покажуваат дека партијата, и покрај медиумските напаѓања, разочараноста на народот и крахот со кој дел од клучните функционери на партијата се отцепија од неа, и понатаму останува најпопуларна опција кај народот.

Процените се дека на СИРИЗА, која речиси сигурно повторно ќе коалицира со Независни Грци, со кои беше заедно во владата изминатите осум месеци, можно е да ѝ е потребен и трет коалициски партнер за да има постабилна влада и да не се најде во иста ситуација како по референдумот, кога поради незадоволство од левичарските пратеници драстично се намали парламентарното мнозинство на владината коалиција.

Иако вкупно двете партии имаат 155 пратеници, што е доволно за да се има парламентарно мнозинство, прогнозите се дека на државата ѝ е потребна постабилна влада, бидејќи предизвикот веќе од утре е спроведување на договорот со кредиторите, како и деликатно справување со бегалската криза.

Првиот човек на Нова демократија, Евангелос Меимаракис, му честиташе на Ципрас за победата. Забележа дека изборната борба ја воделе стабилно, со достоинство. Побара од Ципрас да формира влада што побргу за ефективно справување со проблемите кои постојат во Грција.