Синдикалците од УКИМ бараат средба во Владата за да договорат повисоки плати

УКИМ
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Скопје / фото: Мета.мк

Претставниците на Сојузот на синдикати на најстариот универзитет во државата „Св. Кирил и Методиј“, бараат средба со владини претставници, за да се обезбеди како што велат, достоинствена плата за вработените на универзитетот. Во соопштение потпишано од претседателот на Сојузот, проф. д-р Ангел Ристов, стои дека синдикалците се надеваат дека Владата ќе покаже разбирање како и за другите дејности во државата на кои неколкукратно досега им била зголемена платата.

„Очекуваме Владата да покаже разбирање и подготвеност за потпишување на нашиот колективен договор со што ќе се обезбеди достоинствена плата за вработените на УКИМ“, наведено е во соопштението.

Во спротивно, се додава во соопштението, синдикалците велат дека ќе организираат протести пред Владата за, како што појаснуваат, заштита на правата и стандардот на вработените на УКИМ.

„Ќе бидеме принудени, за ограничувањето на автономијата, да ги известиме постојаната Мисија на ЕУ, Меѓународната организација на трудот, Меѓународните синдикати од областа на образованието и амбасадите на САД и земјите членки на ЕУ“, наведено е во дописот.

Минатата недела, пред Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ вработени одржаа мирен протест, изразувајќи незадоволство од, како што рекоа, влошената материјална положба на вработените.