Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска пред Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ одржа мирен протест изразувајќи незадоволство од, како што велат, влошената материјална положба на вработените.
Претседателот на Сојузот на синдикати, проф. д-р Ангел Ристов кажа дека никогаш во историјата на УКИМ состојбата на вработените на Универзитетот не била како денес.
„Бевме трпеливи и имавме разбирање за економската состојба во нашата држава, но на трпението му дојде крај. Ние мора да се избориме за нашите права, за достоинствени плати. Доколку ние не го направиме тоа, никој друг нема да го направи за нас. Ние сме претставници на научната заедница. Ние сме свеста и совеста на ова општество. Ние сме тука за нашите студенти, за нивното образование затоа што тие се иднината на нашата држава“, изјави Ристов.
Тој кажа дека автономија без достоинствени плати е илузија и дека денеска еден доцент доктор на науки има плата пониска од просечната плата во државата.