Силна Русија е во интерес на Европа, порача Могерини

Силна Русија е во најдобар интерес на Европа, изјави високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на ЕУ, Федерика Могерини.

– Се сомневам дека Русија навистина има моќ бидејќи е зафатена со економска криза. Внатрешните проблеми и понатаму се присутни и покрај политичките и воените победи постигнати надвор од земјата – рече Могерини во интервју за италијанскиот весник „Коријере дела сера“.

Могерини порача дека, сепак, „слаба Русија и кризите не се во интерес на Европа“.

Таа изрази загриженост поради ситуацијата во Украина, наведувајќи дека таму се „скршени принципите на неповредливост на границите“.

За решавањето на израелско-палестинскиот проблем, Могерини рече дека се сомнева дека американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин имаат исти планови.