Сиљановска Давкова се слушна со Зеленски: Украинa може да смета на македонско сојузништво

Осврнувајќи се на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, Сиљановска Давкова рекла дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици

фото: Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија

Во разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја нагласила цврстата и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија.

Разговорот меѓу нив двајца Сиљановска Давкова го остварила од Рим, за време на нејзината посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.

Осврнувајќи се на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, Сиљановска Давкова рекла дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици.

Двајцата соговорници, како што соопштија од кабинетот на Сиљановска Давкова, размениле мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, а со цел да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина.

Зеленски во текот на разговорот ја поканил Сиљановска Давкова да ја посети Украина, за што тие „дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија“.

„За време на разговорот беа нагласени одличните билатерални односи меѓу двете земји, карактеризирани со идентични вредности, меѓусебна почит и разбирање, силно потврдени со континуираната соработка во сите области од заеднички интерес. Претседателката Сиљановска Давкова и претседателот Зеленски ја реафирмираа посветеноста од натамошна заемна поддршка во меѓународната дипломатија, во насока на исполнување на европската аспирација на двете држави“, соопштија од претседателскиот кабинет.