Штипските основни и средни училишта ќе одржуваат настава на далечина

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Со исклучок на ООУ „Славејко Арсов“ во населбата Баби, сите други основни и средни училишта во Штип ќе изведуваат настава на далечина. Учениците ќе бидат дома, додека наставниците ќе предаваат онлајн од училниците и кабинетите. Оваа одлука следи по вчерашниот состанок на директорите од основните и средните училишта, со новата министерка за образование и наука, Мила Царовска.

„Одлучено е настава со физичко присуство да се изведува само таму каде што има одделенија и класови до 20 ученици. Освен во ООУ „Славејко Арсов“, настава со физичко присуство ќе има и во подрачните училишта“, изјави Билјана Казанџиска, раководител на сектор во Општината Штип.

Оваа одлука следи и покрај резултатите од анкетите со родителите кои во над 90 отсто се изјаснија за настава со физичко присуство. Во ООУ „Димитар Влахов“, на пример, само 20 родители се изјасниле за настава на далечина.

За стручните училишта кои имаат задолжителна пракса, училиштата ќе организираат практична настава во групи. Ова пред сè, важи за медицинските, техничките струки и за готвачите, чии знаења се стекнуваат задолжително и низ пракса.

Наставата на далечина носи неколку предизвици и пред училиштата во Штип, но и родителите и учениците. Прв предизвик е интернет мрежата во училиштата, која треба да се засили со оптички кабли, за што е упатено барање до централната власт да помогне во обезбедувањето на услови за тоа.

Наставниците, според Општината Штип, во најголем дел имаат преносни компјутери, кои се обезбедени со камери. Проблем се дел од учениците, особено во семејствата каде има по двајца ученика, а нема опрема за двете деца да ја следат наставата на далечина. Поради тоа, деновиве училиштата прават списоци за потребите на учениците, по што ќе се бара начини да им се помогне. На извесен број деца им беа доделени таблети преку донации.

Што се однесува до соседната Општина Карбинци, таму има доволно простор и мал број на ученици по одделенијата и планот е да се почне настава со физичко присуство. За таа цел, се изготвуваат електронски списоци кои ќе бидат доставени до соодветната Комисија, што Владата ја формира на седницата во вторникот, која врз основа на алгоритам, ќе одлучува за дозвола за изведување на наставата во училиштата.