Шолц: Навални беше убиен од режимот на Путин

Јас, како и сите други, претпоставувам дека тој е убиен од режимот, рече Шолц на состанокот на главните уредници во агенцијата ДПА

Фото: Michael Kappeler/dpa

Германскиот канцелар Олаф Шолц го обвини рускиот претседател Владимир Путин за смртта на опозицискиот политичар Алексеј Навални, пренесе германската агенција ДПА.

„Јас, како и сите други, претпоставувам дека тој е убиен од режимот“, рекол Шолц на состанокот на главните уредници во агенцијата ДПА.

Тој додаде дека Русија е диктатура и дека смртта на Навални е „последица на таа диктатура“.

Според руските власти, Навални починал на 16 февруари во затворски логор неофицијално наречен Поларен Волк, во сибирскиот регион Јамал.

Околностите на смртта не се јасни. На дисидентот, кој веќе бил слаб поради претходен обид за труење и бил во самица, наводно му се слошило додека шетал во затворскиот двор и починал и покрај напорите за реанимација.

Според изјавите на неговите соработници, причината за смртта е наведена во изводот како „природна причина“.

Шолц оцени дека е тешко да се каже дали смртта на Навални ќе ја ослаби или зајакне руската опозиција.

„Во секој случај, јасно е дека на секој што е во опозиција му треба многу храброст“, рече германскиот канцелар, додавајќи дека сега е многу поопасно отколку при неговата последна посета на Москва.

„Во исто време, гледаме дека рускиот претседател и сите оние кои го поддржуваат политички се многу исплашени“, рече Шолц.