Шилегов: Многу се исплашени од прислушуваните разговори

Коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, по сè изгледа, се многу исплашени од прислушуваните разговори штом со закон бараат да се забрани нивното објавување и реобјавување, изјави на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов.

Како што посочи Шилегов, денешното поднесување на предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ е признание за автентичноста на прислушуваните разговори.

Според Шилегов, ова е обид на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ да се минира преговарачкиот процес.

– Секој момент кога треба да голтаат кнедла, се случуваат вакви упади во преговарачкиот процес – рече Шилегов.

Во врска со информацијата дека овој предлог-закон веќе бил договорен, Шилегов изјави дека вакво нешто воопшто не е договорено помеѓу потписниците на договорот од 2 јуни и од 15 јули.

– Вакво нешто не било договорено, ниту било предмет на разговор меѓу претставниците на политичките партии – додаде Шилегов.

Веднаш по прес-конференцијата на Шилегов, на пултот во прес-центарот на Собранието застана координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој рече дека „на денот кога беше постигнат договор за избор на специјален обвинител, Заев даде збор дека до 20 октомври ќе се донесе закон со кој ќе се оневозможи злоупотребата на прислушуваните разговори“.

Спорд Димовски, законот се носи во насока на заштита на граѓаните и на човековите права и достоинство.

На новинарско прашање дали тоа ветување на Заев е внесено во некој од документите од преговорите, Димовски одговори дека тој лично не бил присутен на средбата, но на неа имало околу 20 лица што можат да го потврдат тоа што тој го говори.