Седницата за уставни промени ќе продолжи утре

Собраниската седница за уставни измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа помеѓу Македонија и Грција ќе продолжи утре.

Вториот дел од вчерашната седница помина без пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, откако тие претходно преку соопштение најавија дека се откажуваат од дебатата, нарекувајќи ја јалова и потенцираа дека ќе гласаат против уставните измени.

Тие ги повикаа пратениците од владејачкото мнозинство да се откажат од настапите и да се пристапи кон гласање по владиниот предлог за измени на Уставот.

За парламентарното мнозинство не може да има подобар договор од овој и ако се отфрли на Македонија и се заканува долгогодишна изолација и стопирање на интеграцијата во НАТО и ЕУ.

Според информациите од Собранието гласањето најверојатно ќе се случи в петок.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вчера истакна дека Владата дека ќе пристапи кон изработка на уставните амандмани дури откако ќе заврши работата во Собранието со изгласување на потребата за нивно изготвување. Владата смета дека е најдобро тие да се подготват заедно со опозицијата односно да се постигне национален консензус.

Еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, преку социјалната мрежа „Твитер“ ја повика опозицијата да се однесува државнички и да го поддржи договорот од Преспа.

-Ако не успее во тоа, тогаш ќе мора да одговара за тешките последици за граѓаните на Македонија – напиша Хан.