Се подготвува нов Закон за азил и привремена заштита

Речиси една недела откако Собранието ги усвои измените на Законoт за азил и привремена заштита, со кој на мигрантите им се дозволува легално да престојуваат на територијата на државата во период од 72 часа, Министерството за внатрешни работи не регистрирало никакви проблеми, ниту забелешки од невладините организации и од илегалните мигранти, рече во своето обраќање државниот секретар на МВР, Анастасија Илиеска, на јавната расправа посветена на оваа проблематика, во рамките на 19. седница на Комисијата за европски прашања на Собранието.

– Не помалку важно е дека откако стапи на сила законот, немаме пријавен несреќен случај на пругите и на автопатиштата или, пак, на напад врз некој илегален мигрант. Доволно показатeли кои говорат дека засега измените се добро решение. Впрочем, истите беа презентирани на 12. Комитет за стабилизација и асоцијација, на кој добија високо мислење од претставниците на Европската комисија. Во соработка со меѓународните организации и со невладините организации што ја третираат оваа проблематика, во тек е изработка и на стандардни оперативни процедури за третман на непридружувани малолетни лица – рече Илиеска.

Според државниот секретар на МВР, Македонија од година во година се соочува со зголемување на бројот на барања на азил и од 2009 година досега бројот на овие барања бил зголемен за повеќе од 10 пати.

Зголемувањето, како што рече Илиеска, особено било изразено последните години, но според анализите, мал е бројот на баратели на азил што чекаат целата процедура да заврши докрај.

– Имено, го користат сместувањето и третманот да воспостават нови контакти и да го продолжат своето патување. Така, лани, од Министерството за внатрешни работи на 11 лица од Сирија им беше признато право на азил, односно признаен бегалец – посочи Илиеска.

Таа истакна дека Македонија, регионот и целиот европски континент се соочуваат со специфичен проблем и со бројки на беглаци кои „досега никогаш не биле регистрирани откако се води официјална статистика“.

– Измените во Законот за азил кои ги донесовме, веруваме дека ќе помогнат, но немаме илузија дека ќе го решат проблемот. Со измените веруваме дека илегалните мигранти ќе бидат помалку изложени на ризици и ќе имаат похуман третман, а од друга страна, полицијата ќе добие подобар увид и посоодветна евиденција. Република Македонија паралелно продолжува да презема засилени мерки за да ги заштити своите граници, особено јужната, бидејќи најголемиот притисок доаѓа токму од соседна Република Грција, која е членка на Европската унија – рече Илиеска.

Државниот секретар најави дека во тек е подготовка на нов закон за азил и привремена заштита, кој треба да биде донесен во првата половина од 2016 година.

– Пред три години, Европската комисија донесе три нови директиви од областа на азилот, кои се нови прописи и за земјите-членки на ЕУ, а Република Македонија веќе почна со конкретни активности за нивно инкорпорирање во националното законодавство. Анализирајќи ја состојбата, увидовме дека овие мерки е потребно да бидат конципирани во нов закон за азил и привремена заштита, кој е во подготовка и кој, исто така, ќе биде доставен на мислење до Европската комисија пред неговото конечно донесување, кое е предвидено за првата половина од 2016 година – соопшти Илиеска.