Се крадат илјадници евра од граѓаните – повторно активирани измамниците кои по телефон изнудуваат пари

Во едниот случај, 86 годишна жена од Скопје вчера пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 10.000 евра, а во другиот, биле одземени 280.000 денари (4.500 евра)

Фото: Photo by Gilles Lambert on Unsplash

Во еден ден, две жени на возраст од 86 и 87 години пријавиле дека биле измамени за големи суми пари. Во едниот случај, 86 годишна жена од Скопје вчера пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 10.000 евра, а во другиот, биле одземени 280.000 денари (4.500 евра).

„Лицето ја контактирало телефонски, се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа со смртни последици и дека е потребно да плати за да ја ослободат од полиција во Црна Гора. Како што е пријавено, таа ги подигнала парите од банка и ги оставила на местото каде што ѝ кажало лицето“, информира МВР.

Истиот ден, во МВР стасала уште една пријава за ист случај, во кој 87 годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од околу 4.500 евра.

„Според пријавеното, лицето ја контактирало по телефон и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа со смртни последици и дека е потребно да плати за да биде ослободена. Како што е пријавено, таа ги подигнала парите од банка и од тераса му го фрлила пликот со пари“, соопштува МВР.

И за двата случаи се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Деновиве и на социјалните мрежи имаше предупредувања од граѓаните дека им се јавиле лица со ист обид да изнудат пари од нив. Граѓанка од Скопје сведочеше дека кога отишла во полициска станица да го пријави настанот, чекале уште неколку други лица кои го доживеале истото.

Фото: Принтскрин објава од Фејсбук

Повеќе вакви случаи имаше и во претходните месеци. Во мај годинава во Кочани, 75 годишна жена била излажана од едно лице дека нејзиниот внук прегазил мигрант во Германија, за што и побарал пари за да му помогне. Тој побарал 60.000 евра. Како што било пријавено, подоцна пред нејзината куќа дошло друго лице на кое таа му дала 251.400 денари.

МВР минатиот месец предупреди за овие измами.

„Сторителите ги доведуваат во заблуда лицата на тој начин што им се јавуваат телефонски и им се претставуваат како службени лица, најчесто полициски службеници и од нив бараат финансиски средства за ослободување од кривичен прогон на нивни деца или внуци кои, наводно, непосредно пред јавувањето направиле сообраќајна несреќа со смртни последици. Измамниците ги контактираат жртвите најчесто на фиксен телефон, но има случаи каде што се контактирани и преку мобилен телефон со скриен број, а за да бидат поуверливи во позадина се слуша женски глас кој бара помош“, изјавија од СВР Скопје минатиот месец.

Оттаму известија дека се преземаат мерки и активности за расчистување на досега пријавените кривични дела и воедно апелираа до граѓани да не наседнуваат на ваквиот вид на измами, а доколку бидат контактирани веднаш да пријават во полиција.