СДСМ поднесе тужба до Управен суд поради одлуката на ДИК за задолжувањето

СДСМ денеска поднесе тужба до Управниот суд поради незаконска одлука на стариот состав на Државната изборна комисија, соопштија од партијата.

„Тужбата е поднесена поради ненадлежност на стариот состав на ДИК, чиј мандат е истечен на 8 ноември 2015 година. Исто така, тужбата е поднесена и поради тоа што самата одлука е целосно незаконски формулирана. Имено, во согласност со Законот за јавен долг, член 18, задолжувањата со државни хартии од вредност се вршат како на домашен, така и на меѓународен пазар на капитал. Во согласност со истиот закон, задолжувањето се врши со емисија на краткорочни и на долгорочни хартии од вредност. Во самата одлука нема образложение во кое, во согласност со законот, ДИК требало да ги наведе причините поради кои ја има донесено одлуката“, пишува во соопштението на СДСМ.

СДСМ бараат да се поништи одлуката на ДИК со која е одлучено дека „емисијата на државни хартии од вредност и на државни записи од Министерството за финансии на домашен пазар не претставува акт или документ кој се однесува на правни, финансиски и на кадровски прашања поврзани со организација на изборите“, па поради тоа не подлежи на согласност, односно одобрување од дополнителниот заменик-министер.