Власта да го повлече Предлог-законот за задолжување на државата кај унгарската влада од 500 милиони евра кој сака да го донесе по скратена постапка, побара денеска опозициската СДСМ. Во спротивно, најавува дека претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет Сања Лукаревска, која доаѓа од оваа партија, нема да го стави законот на расправа.
Предлог-законот, што веќе влезе во собраниска процедура по скратена постапка, е одлука без преседан, рече на прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Тој вели дека за партијата е недозволиво и крајно неодговорно овој закон да се носи по скратена постапка, во услови кога државата за првпат се задолжува директно кај друга држава, кога не постојат јасни критериуми и механизми за распределба на позајмените пари, ниту пак утврден систем за контрола на трошењето на парите.
„Со носење на овој Закон по скратена постапка целта на Владата е јавноста и граѓаните да бидат лишени од можноста детално да слушнат што се крие зад ова задолжување. ВМРО-ДПМНЕ го скрати правото на дебата и вклучување на експертската јавност во процесот на носење на самиот закон. Ова јасно упатува на заклучокот дека владата има многу што да скрие во овој закон. Сите овие постапки го потврдуваат ставот кој јас лично и СДСМ го кажавме по однос на ова задолжување, а тоа е дека е коруптивно и ја носи државата во должничко и политичко заложништво на Унгарија“, рече Филипче.
Според него, Предлог-законот изобилува со нелогичности и непознаници и мора да биде предмет на широка јавна расправа и на прецизно утврдување на секој детал и секој денар кој треба да го платат граѓаните како камата.
„Во самиот закон постојат јасно видливи членови и елементи со кои се потврдува огромната корупција. Би сакале да посочиме неколку клучни точки од законот со кој се потврдува договорената корупција и бизнис со овие пари. Најважно, ова задолжување е договорено уште кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, целосно вонинституционално и во четири очи. Како што тогаш бил договорен законот, надвор од сите процедури, така и сега Владата сака да го изгласа надвор од секаква дебата или анализа. Ова СДСМ го смета за скандал“, изјави Филипче.
Тој рече дека СДСМ, која ја води собраниската Комисија за финансирање и буџет, нема да го стави овој законот на расправа и ја повика власта „да се вразуми“, да го повлече законот и да го стави во редовна процедура. Побара да се организира јавна експертска дебата за граѓаните да можат да слушнат каков закон се планира и кои ќе бидат последиците од ова задолжување.
„Да се прецизира секој аспект на задолжувањето, да се расчистат сите дилеми и да се гарантира дека граѓаните ќе бидат заштитени. Доколку ова не го направи ВМРО-ДПМНЕ тогаш јасно потврдува дека има сосема други скриени намери на кои предупредивме. Еве му на Мицкоски шанса, да ја реализира платформата која помпезно ја најави. Му подаваме рака во име на транспарентноста, правната држава, отчетноста, отвореноста. Вредности за кои тој вели дека се залага“, изјави Венко Филипче.
Во меѓувреме, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски ја повика претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска да закаже седница за заемот од Унгарија.
Тој кажа дека во 18 часот истекува 24-часовниот рок за закажување на седницата и дека, доколку тоа не се случи, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе направат „сè што е возможно во рамки на деловничките можности овој закон да помине“.
Стојановски рече дека кон Предлог-законот е приложен и договорот за заемот, каде се наброени условите за негово земање. За парите од кредитот рече дека ќе бидат потрошени за сервисирање на буџетот, за стопанството и за проекти за општините.