СДСМ обвинува дека владата во заминување го крши законот со буџетски пари

Стотици граѓани не можат да ги добијат своите субвенции и стипендии бидејќи им е кажано дека техничката влада не смее да врши исплаќање на средства, рече портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов на денешната прес-конференција.

– Одговорите од министерствата за земјоделие и образование се идентични – не смеат да се исплаќаат средства бидејќи било спротивно на закон и затоа што станува збор за техничка влада. Но, истиот тој закон не важи за одредени министерства како министерствата за одбрана и за здравство кои немаат проблем да плаќаат буџетски пари за извршување на јавни набавки. Од една страна се доделуваат тендери, јавни набавки и се задолжува државата, а од друга страна имаме илјадници лица кои не можат да дојдат до парите кои им следуваат – вели портпаролот на СДСМ.

Според Шилегов ваквите двојни аршини јасно покажуваат дека власта во заминување свесно го крши законот за сметка на богатење на фирми и поединци блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Тој потенцираше дека кадрите на ВМРО-ДПМНЕ не смеат да се ставаат над законите и да го оштетуваат буџетот.