САД убиле тројца клучни лидери на ИД во Сирија

Американскиот министер за одбрана, Ештон Картер, изјави дека САД убиле тројца клучни лидер на екстремистичката организација Исламска држава во Сирија.

Картер го соопшти ова обраќајќи им се на американските пилоти во воената база Авијано во Италија.

Помеѓу убиените, двајца се осомничени дека се поврзани со нападите во Париз во ноември 2015 година, кога загинаа 130 луѓе.

Портпаролот на Картер, Питер Кук, подоцна изјави дека тројцата припадници на Исламска држава се убиени во воздушен напад на 4 декември во Рака.

Кук изјави дека двајца од убиените борци на ИД, Салах Гурмат и Сами Џеду, биле вмешани во нападот во Париз, а биле блиски соработници на еден од лидерите на ИД, Абу Мохамед ел Аднани, кој е убиен во август.

Третата личност, според Кук, е Валид Хамн, кој бил осуден во отсуство во Белгија поради планиран напад во 2015 година.