Руските лажни вести и нивната забрана

Дезинформирањето, за жал, има богата традиција во Русија, уште од царевите, па во СССР, а продолжува и под водство на Путин. Тој ги задуши медиумските слободи во Русија, но лицемерно ги користи оние на Запад, пред кого сега глуми жртва на цензура. Така е и на Фејсбук, кој во Русија е одамна забранет, но нејзините поддржувачи низ светот, сепак го користат и дури се жалат ако тој ги модерира

Фото: Oleg ShakurovPixabay (canva)

Почнувајќи од 2022 г., ЕУ забрани неколку руски медиуми, на кои на 17.5.2024 г. им се придружија уште четири, што е потполно оправдано. Дезинформирањето, за жал, има богата традиција во Русија, уште од царевите, па во СССР, а продолжува и под водство на Путин. Тој ги задуши медиумските слободи во Русија, но лицемерно ги користи оние на Запад, пред кого сега глуми жртва на цензура. Така е и на Фејсбук, кој во Русија е одамна забранет, но нејзините поддржувачи низ светот, сепак го користат и дури се жалат ако тој ги модерира. Путин и неговите гебелсовци не се жртви и не треба да им се дава медиумски простор, а не е недемократски ако од него се набрка недемократски и агресивен режим, пишува Вистиномер. 

Текстот го објавуваме во целост:

 

Дезинформациите во Русија некогаш

За жал, Русија е колевка на најпознатите лажни вести и дезинформации во историјата.

Таму се родил познатиот израз „Потемкински села“, кога кнезот Григориј Потемкин наводно подигал лажни градби (т.е. само фасади), со цел да ја измами царицата Екатерина Велика дека ги развива новоосвоените територии, врз кои таа му дала власт.

Во Русија излегол и злогласниот антисемитски памфлет „Протоколи на сионските мудреци“ (1903), кого, според некои извори, на своја рака го фабрикувал шефот на задграничната агентура на царската полиција, Пјотр Рачковскиј, но има и други мислења.

Особено озлогласен по лажните вести бил СССР, кој дури создал специјализирано биро за таа намена – Дезинформбиро (рус. Дезинформбюро), по иницијатива на Јосиф Уншлихт, заменик-шефот на репресивната тајна служба ГПУ (подоцна позната како КГБ).

КГБ спроведувале т.н. активни мерки, што означувало ширење на лажни вести низ светот од типот дека САД ја создале сидата, дека ваделе органи од деца од сиромашните земји или дека ја флуорирале водата заради контрола на наталитетот, а биле ширени и дискредитирачки детали од интимниот живот на западните политичари, со цел да се влијае на изборите во нивните земји. Агент на КГБ бил и Путин, кој тоа и сега го прави.

Во 1993 г. во Русија излегол „Планот на Далес“, измислен план за поткопување на СССР припишан на американската тајна служба ЦИА, со што руските конспиромани си го објаснувале распадот на нивната суперсила, кој се случил две години претходно.

Почнувајќи од 2014 г., Кремљ ширеше лаги дека Украинците распнувале деца, што самите Руси подоцна го отфрлија како недокажано; дека во Украина владее нацизам, иако таа ја забрани таа идеологија со закон донесен на 9.4.2015 г.; дека на Крим немало руска инвазија, туку востание на месните жители и дека Путин не планирал сеопфатна инвазија врз Украина, туку само маневри; дека Русите таму војуваат против НАТО и дека го заробиле американскиот генерал Роџер Клутие; дека Украинците имале тајни лаборатории за биолошко оружје и дека праќале гулаби кон Русија за да шират зарази; дека го организирале терористичкиот напад во салата „Крокус“ крај Москва; итн.

 

Актуелни дезинформации од Русија

Лагите продолжуваат, само тие не се толку живописни како некогаш, а дали снемало идеи или пари за тие да се платат – не е јасно. На тоа може влијае и фактот дека доста битни играчи од тоа дезинформациско милје веќе не се меѓу живите, а најбитен меѓу нив беше Евгениј Пригожин, основач на т.н. фабрика за тролови и на платеничката војска Вагнер.

Следуваат неколку лажни вести од (про)руски извори, кои проверувачите на факти од Украина како VoxUkraine и StopFake ги претставиле во последниве месец-два:

Украина и Западот избегнуваат истрага за масакрот во Буча за да не се открие дека го измислиле.

Тоа е лага, а масакрот го истражи и потврди Независната меѓународна истражна комисија на ООН за УкраинаОБСЕ и други организации од сиот свет.

Украинските војници ги дрогираат пред битките со забранети супстанци како кетамин.

Лагата се темели врз текст од Time, кој бил извитоперен на проруските Телеграм-канали, а тој говори за лекување на пост-трауматски стрес со кетамин, што е легален анестетик

На украинските граничари им е наредено да убиваат бегалци од мобилизацијата.

Како „доказ“ за тоа тврдење се појави фотографија од предупредувачки натпис, наводно поставен на границата, но Центарот за борба против дезинформации при Советот за безбедност на Украина јави дека тоа е фотомонтажа. Законот на Украина им дозволува примена на оружје на граничарите само за самоодбрана, запирање на криминалци и сл.

 На 20.5.2024 г. завршува мандатот на Володимир Зеленски, но тој нелегитимно ќе ја задржи власта, а на Украинците ќе им биде забрането да протестираат за тоа.

Ова е лага, а согласно законот на Украина, мандатот на претседателот во воена состојба се продолжува сè додека на негово место не стапи нов, кој ќе биде избран по нејзиниот завршеток. Дотогаш избори не се одржуваат. Според шефот на украинското воено разузнавање, оваа лага е дел од руска дезинформациска операција наречена „Мајдан 3“.

 

Руските медиуми забранети во ЕУ

Откако започна сеопфатната руска инвазија врз Украина, во март 2022 г. ЕУ ги забрани Спутник и RT (Russia Today), односно нивните филијали на разни странски јазици.

Нови забрани следеа во јуни 2022 г., кои ги опфатија меѓусебно поврзаните ТВ канали: Россия РТРРТР Планета и Россия-24, а и верзијата на ТВ Центр за странскиот пазар.

На 17.5.2024 г., во списокот се најдоа и РИА НовостиИзвестияРоссийская газета и Voice of Europe, но последниов медиум не е од Русија, туку е тесно поврзан со неа.

Корените на РИА Новости се во советската пропагандна агенција Совинформбиро, формирана под Сталин во 1941 г. Во 1961 г. називот ѝ бил променет во АП (Агенција за печат) Новости, а нејзин познат вработен бил Јуриј Безменов, прес-службеник на советската амбасада во Њу Делхи, Индија, кој во 1970 г. побегнал на Запад, кајшто ги открил манипулациите кои ги правеле неговите работодавачи. Фактички, таа новинска агенција била дезинформаторско биро полно со агенти на КГБ.

Во 1991 г., тоа било преименувано во РИА (Руска информативна агенцијаНовости, а како и сите советски медиуми, така и тој бил во државна сопственост, каков што е и денес. Во 1990-тите и 2000-тите, во Русија имало обиди да се развие објективно новинарство, но Путин тоа постепено го задушувал. Него особено го исплашиле Евромајданските протести во Украина (2013 – 2014), па тој решил да наметне построга контрола врз медиумите. Тој ја ликвидирал РИА Новости, по што ја внел во новата медиумска групација Россия сегодня на чело со пропагандистот Димитриј Кисељов. Инаку, Россия сегодня значи исто што и Russia Today – Русија денес, но не се знае дали меѓу нив има поврзаност. Во групацијата Россия сегодня е и Спутник и други медиуми.

И Известия било советско режимско гласило, кое некогаш се викало Известия Советов народных депутатов СССР. До својата смрт во 2008 г., за весникот цртал карикатуристот на Сталин, Борис Јефимов, за нас познат по карикатурите во кои Јосип Броз-Тито бил прикажуван како лакеј на Западот, нацист и сл. И тоа е дел од таа пропагандистичка приказна. Во 1992 г. весникот бил приватизиран и во него имало обиди за објективно новинарство, но тоа неславно завршило, особено откако во 2005 г. весникот го откупиле Гаспром, а подоцна и Национальная медиа группа, кои се блиски до Путин.

Российская газета била основана како владино гласило во 1990 г., во времето на реформите за либерализација на советскиот лидер Михаил Горбачов и рускиот Борис Елцин, што ветувало објективно информирање, но тоа се изјаловило откако на власт стапил Путин. Тоа е воедно и службен весник, во кој се објавуваат новодонесени закони.

Voice of Europe е вебсајт, раководен од проруските политичари од Украина: Виктор Медведчук (кој е во кумовска врска со Путин и кој сега живее во Русија) и Артјом Марчевскиј (кој има и израелски пасош). Со сајтот се поврзуваат и српскиот политичар Драган Станојевиќ и холандскиот Тери Боде. Во 2016 г. Боде иницирал консултативен референдум за тоа дали ЕУ треба да потпише Договор за асоцијација со Украина, а со помош на Voice of Europe, тој влијаел мнозинството Холанѓани да гласаат против.

Во истата година, сајтот беше регистриран во Чешка, која неодамна го стави под санкции за дезинформации и подмитување на европски политичари. Марчевскиј замина за Словачка, која му даде засолниште, но тој тврдеше дека тоа нема врска со проруската политика на словачкиот премиер Роберт Фицо, туку дека засолниште добил како и украинските државјани, кои дошле заради војната. На крај, сајтот се скраси во Казахстан.

Во оваа анализа се прикажани само дел од мноштвото манипулации произлезени од „руската кујна“, кои укажуваат на тоа дека за жал забраната на руските медиуми во ЕУ е логичен след на настаните.

Пишува: Вангел Башевски

hubmk