Русија ја суспендира координацијата со САД во Сирија

Руското министерство за одбрана денеска соопшти дека ја суспендирало координацијата со САД во Сирија во т.н. „зони на деескалација“, откако американските сили соборија авион на сириската војска, јавуваат светските агенции.

САД и Русија имаат договор за избегнување инциденти во воздух помеѓу авионите на двете војски кои учествуваат во оепрациите во Сирија.

Министерството за одбрана на Русија навело дека го суспендира договорот откако американската војска потврди дека вчера соборила авион на сириските воздухопловни сили што ги бомбардирал бунтовничките сили, кои ја имаат поддршката и соработуваат со САД, во близина на градот Табка.

Од руското министерство соопштиле оти сметаат дека овој инцидент покажува дека Вашингтон намерно не се придржува до своите обврски од договорот.

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, изјавил дека соборувањето на сирискиот борбен авион е „чин на агресија“.