Црна поплави шеесетина куќи во Могила, регионот без струја

Водите на река Црна попладнево поплавија шеесетина куќи во пелагониската општина Могила. За ситуацијата да биде уште потешка, поради дефект на една од трафостаниците, целиот регион е без струја, а според најавите, проблемот ќе потрае поради поплавите.

Градоначалникот на општина Могила, Стевче Пивковски, вели дека крајно критична е сотојбата во три села, Чарлија, Радобор и Вашарејца, каде се евакуирани и жителите и стоката и сместени на повисоките локации на селата.

– Крајно сме вознемирени, мештаните се борат со надојдените води за своите семејства, стоката и за своите домови. Згора на сè, од вчера целиот регион е без струја. Црна се излева на неколку места и прави пустош. Сега добивме информација дека во Демирхисарско има нагло топење на снегот и секој час водата во Црна е сè поголема и поопасна – вели градоначалникот Пивковски.

Најтрагична, според него, е ситуацијата во селото Ношпал, каде од стотината населени куќи десно од регионалниот пат Новаци – Тополчани, поплавени се повеќе од 60 домови.

– Опасноста не доаѓа само од Црна, туку, за наша несреќа, се излева и Подмолска Река, а се излеа и деветтиот канал, така што во опасност се сите села на потегот од Ношпал преку Вашарејца, Добромири, Дедебалци, Алинци, Будаково до Трн. Сè што е пониско од реката, сè е поплавено. На терен е и Кризниот штаб на Општината, во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување. Веќе работат три багери и два крана „либхер“. Потребна ни е помош – апелира Пивковски.

Битолската СДСМ вечерва преку соопштение ја обвнини локалната власт дека не презела никакви мерки иако била предупредена за можните последици.

– Дождот ги извади на површина последиците од погрешните политики на
ВМРО-ДПМНЕ. Неспособоноста и неодговорноста на власта на Никола Груевски удри по граѓаните. Неисчистеното речно корито на Црна Река предизвика прелевање на водата и пополави во Пелагониско. Градоначалникот Стево Писковски и ВМРО-ДПМНЕ не преземаа никакви мерки, иако беа предупредувани за последиците. Власта ги остави граѓаните сами да се справуваат со катастрофата што им ја нанесе токму нејзината неспособност – се вели во соопштението.

А.Б.