Расцеп во СИРИЗА по гласањето за грчкиот меморандум?

Грчката влада денеска е одново на тест. Гласањето за новиот кредит и пакет мерки за Грција ќе покаже колкава е поддршката од внатрешноста на СИРИЗА за владата и за напорите на премиерот Алексис Ципрас. Левичарската партија сè поизвесно е дека се наоѓа пред распад по утринскиот апел на поранешниот министер за енергетика, Панајотис Лафазанис, кој повика на формирање ново политичко движење.

Парламентарната дискусија за мерките се очекува да почне доцна попладне или вечер, откако ќе завршат сите дискусии на ниво на парламентарните комисии. Претпоставките се дека можни се доцнења и одолговлекувања на дискусијата, поради што се очекува гласањето да заврши во раните утрински часови.

За премиерот Ципрас денеска се очекува да биде тежок ден бидејќи мора да застане зад меморандум за штедење на кој толку години се спротиставуаше и тоа со преполовена поддршка од пратениците на СИРИЗА. Прашањето е колку пратеници ќе застанат во негова поддршка денеска. Доколку бројката на владини пратеници падне под 120, процените во Грција се дека Ципрас ќе се одлучи на брзи избори, дури и во текот на септември. Неговите блиски соработници, во обид индиректно да издејствуваат поголема поддршка, истакнаа дека тешко може да постои левичарска влада ако поддршката во парламентот е под 120 пратеници. Ова го посочија и портпаролката на владата, Олга Геровасили, и министерот Алекос Флабурарис, кој истакна дека ако поддршката падне под 120 пратеници, владата нема да може да опстои и ќе мора веднаш да се преземат процедури за да се реши проблемот.

Од она што се слуша, засега се очекува околу 35 пратеници од радикалното крило на СИРИЗА да гласаат против меморандумот и потенцијално да најават нивно повлекување од партијата. Утринава Лафазанис заедно со уште десетина членови на СИРИЗА повика на формирање нова партија, односно политичко движење кое ќе се бори против новиот меморандум и новата рецесија, во која ќе биде фрлена државата и кое ќе ги претставува барањата на народот за демократија и за социјална правда. Со ова и официјално коцката за поделба на СИРИЗА е фрлена и доколку се распишат предвремени избори, ќе оди на гласање во многу поинаков, поделен состав.

Дали покрај членовите на радикалното крило на СИРИЗА ќе има и нови пратеници кои ќе му откажат љубов на Ципрас, останува да се види. Своето противење на новите мерки досега го покажаа и заменик-претседателот на парламентот, Алексис Митропулос, кој иако досега гласаше „за“, истака дека ова е најлошата програма за штедење договорена меѓу Атина и Брисел. Пратеникот Димитрис Стратулис посочи дека има многу ригорозни точки кои ќе бидат на товар на општеството, додека, пак, пратеникот Статис Леуцакос побара Ципрас да размисли добро и да се откаже од гласањето за новиот меморандум.

Опозициските партии, како Река, Нова демократија и ПАСОК, се очекува главно да ги поддржат мерките, иако во редовите на социјалистичката партија и десницата има реакции против некои од мерките и се бара Ципрас да исполни некои услови за да ја добие нивната поддршка.

М.П.