Професори, поранешни новинари и ексфункционери на листата соработници во Фондот за иновации

Многу често во извештаите на ДЗР се изразува сомнеж во однос на ангажирањето лица со договор за дело, a претседателката на ДКСК Билјана Ивановска вели дека ваквиот вид вработувања јавуваат сомнеж за ангажирање блиски лица

Фото: Image by aymane jdidi from Pixabay

Со хонорари кои достигнуваат и до 110 илјади денари месечно, Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) се најде на тапет на Државниот завод за ревизија, кој утврди дека за периодот од 2019 до 2021 година биле потрошени речиси 750.000 евра за ангажман на надворешни лица, со договор за дело. Дополнително, ДЗР утврди и дека ФИТР ангажирал стручни лица за евалуација и давање стручно мислење на проектите од објавените јавни повици за финансиска поддршка, за кои биле исплатени околу 260.000 евра.

Мета.мк користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ги побара имињата на сите надворешни соработници кои се нашле на листата на ФИТР, со исплатените суми, во периодот од 2019 до 2023 година.

На листата можат да се најдат поранешни новинари, експерти кои се занимаваат со антикорупциски политики, вработени во невладини организации, синови на адвокати и на поранешни претставници од власта, поранешен заменик-министер, ИТ експерти, професори. Сите тие се заведени како „соработници“.

„Ревизијата смета дека ангажирањето на лица со договор за дело и покрај обезбедената согласност од надлежното министерство, придонесува за нетранспарентност и субјективно постапување при склучување на договори и одредување на месечниот надоместок за работниот ангажман на лицата кои се континуирано ангажирани во ФИТР подолг временски период“, утврдија ревизорите.

Понатаму, во извештајот беше наведено дека институцијата не презела активности за категоризација на запишаните стручни лица во соодветни секции во Регистарот од кој ќе се избираат стручните лица по систем на ротација и дека не е формирана Комисија за оценување на стручните лица. Оттаму, не е јасен ниту начинот на кој се бирале соработниците, нешто што во земјава се покажува како практика.

Годинава во ФИТР ангажирани се 47 соработници, 20 помалку од лани

Од доставените документи до Мета.мк може да се види дека во 2019 година биле исплатени околу 150.000 евра за хонорарни договори. Дел од нив се склучувани на 12 месеци, дел од нив на шест, на три, а има и договори склучени на еден месец или пак на петнаесетина дена.

Во 2020 година, сумата за хонорарни договори се зголемува – од буџетот на ФИТР исплатени се речиси 255 илјади евра на 48 хонорарци.

Во 2021 година, се зголемува и бројот на хонорарци, а со тоа и сумата за месечни надокнади за истите. Па така, за 68 хонорарно ангажирани лица Фондот за иновации платил 339 илјади евра. Наредната, 2022 година, бројот на хонорарци е незначително помал – 67 луѓе, но, сумата за хонорари се зголемува – исплатени се речиси 370 илјади евра.

Бројот на хонорарци годинава е намален, односно 47 луѓе се хонорарно ангажирани во Фондот за иновации. За нив досега се издвоени околу 57 илјади евра.

Или вкупно, за четири години, од буџетот на Фондот за иновации, од 2019 до 2022 година (без да се земат предвид првите месеци од 2023 година), за хонорарни договори биле потрошени над 1,1 милиони евра.

„Фондот за иновации и технолошки развој ангажира соработници кои извршуваат работни задачи поврзани со дејноста на ФИТР. Од причина што бројот на ангажирани лица опаѓа, Фондот работи на зголемување на капацитетите преку воведување нова систематизација со која би се овозможиле повеќе работни места, како и нови вработувања, а за истото ФИТР има поднесено барање за нови вработувања до Министерството за финансии“, се вели во одговорот на ФИТР до Мета.мк.

Проблемот е во системот: Невозможно е осум луѓе да разгледуваат над 600 апликации 

Во периодот од 2019 до 2023 година со ФИТР раководеа тројца директори – Јован Деспотовски, Коста Петров и Фестим Халили.

Коста Петров на функцијата дојде во ноември 2020 година, а оставка даде една година подоцна, во декември 2021 година. Во јануари 2022 година на позицијата беше избран актуелниот директор, Фестим Халили. Тој во краток разговор со Мета.мк изјави дека во моментов бројот на вработени лица во Фондот за иновации е премногу мал за да може квалитетно да се заврши работата, особено кога станува збор за проектни активности, но и за евалуација на проекти кои аплицираат за грантови. Поради тие причини, вели Халили, се ангажираат надворешни лица со договор за дело, чиј број опаѓа од година во година, а во меѓувреме се чека одобрението од Министерството за финансии за нови вработувања во институцијата.

Причината зошто се ангажираат толку голем број надворешни соработници или пак лица ангажирани со договор за дело на една година, тој ја гледа токму во фактот што предвидените работни места во ФИТР не се доволно атрактивни за потенцијалните кандидати, но и поради фактот што се малку на број.

Инаку, хонорарните договори можат да се продолжуваат најмногу до две години, а потоа работниот однос треба да се претвори во траен. Такво нешто во институциите многу ретко се случува, бидејќи платата што би ја земал еден постојано вработен е значително пониска од хонорарот што истото лице би го земало ако е привремено ангажирано.

Па така, да речеме, во ФИТР највисокиот хонорар изнесувал 110 илјади денари, а исплатен бил во текот на 2020 година. Во текот на таа година, пет лица земале хонорари од 110.000 денари, неколку месеци. Голем дел од ангажираните лица на 12 месеци земале хонорари од 40 илјади денари, помал дел од 60 илјади денари, а на некои пак, хонорарот изнесувал 15 илјади денари.

Поранешниот директор на ФИТР, Коста Петров, за Мета.мк вели дека кога тој дошол на функцијата, со систематизацијата било предвидено во институцијата да работат осум луѓе. Систематизацијата пак била правена кога ФИТР објавувал по два повици годишно, а потоа бројот на повици тројно се зголемил.

„Потоа, бројот на повици се зголеми, имаше и по десетина годишно, а Министерството за финансии не даде согласност за нови вработувања. На еден повик ни пристигнуваа и по 600-700 апликации. Значи секоја апликација мора да се разгледа, да се оцени, да се одобрат апликации, да се следи нивниот процес. Парите не се пуштаат веднаш, целиот процес треба да се следи, вклучително и импактот, има и теренски посети, значи зборуваме за голем обем на работа кој си бара вклучување на поголем број луѓе“, вели Петров.

Според сето ова, на овој проблем може да се гледа системски, односно хонорарните вработувања можат да се гледаат на два начини. Едниот, оној за кој постојано апелираат антикорупционерите, е дека тие се можност за вработувања на луѓе без конкурс и оглас, со недоволно квалификации и стручност и можност за ангажирање партиски кадри, а другиот начин да се гледа овој проблем е дека дел институции не можејќи да добијат согласност за вработување од Министерството за финансии, се решаваат на привремено ангажирање лица.

ДКСК: Се создава сомнеж дека привремените вработувања се вентил за ангажирање блиски лица

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска, за Мета.мк изјавува дека ваквиот вид вработувања јавуваат сомнеж за ангажирање блиски лица.

Билјана Ивановска / Фото: ДКСК

„Овие вработувања не се според потребите, односно актот за систематизација, по пат на објавен оглас и фер конкуренција, туку преку Агенција за привремени вработуавања со склучени договори. Оттаму, се создава сомнеж дека се вентил за ангажирање на блиски лица, за кои често институциите вложуваат и за обуки, а тоа понатаму немаат никаква одговорност. Дотолку повеќе, стекнуваат конкурентска предност доколку се распише редовен избор“, објаснува Ивановска за Мета.мк.

Многу често, речиси редовно, во извештаите на Државниот завод за ревизија се изразува сомнеж во однос на ангажирањето лица со договор за дело.

Последниот ваков извештај беше за работењето на Општината Кисела Вода. Ревизорите констатираа дека во 2021 година преку приватна агенција за вработување општината ангажирала лица на кои им исплатила над 300.000 евра (над 18 милиони денари) за вршење редовни работни задачи, од кои дел, спротивно на законот, траеле и повеќе од две години.

Минатата година Антикорупциската комисија поднесе иницијатива за кривично гонење до Основното јавно обвинителство против поранешните генерални секретари на Владата, Драги Рашковски и Мухамед Зекири. Според ДКСК, тие ја злоупотребиле  службената должност со склучување авторски договори со лица од надвор за кои од буџетот за 5 години биле потрошени речиси 2,5 милиони евра.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска тогаш рече дека според документите во кои имале увид, биле ангажирани лица со авторски договори, со различно времетраење, од кои дел се продолжувани со анекси, извршувани се повторливи дневни задачи и активности за потребите на Генералниот секретаријат.

„Мал дел од активностите, од кои најголем дел се извршени во период од повеќе месеци, се поврзани со задачи вршени во насока на креирање на интелектуален труд, кој би можел да се квалификува како авторско дело, согласно дефиницијата на законот“, рече тогаш Ивановска и додаде дека постапките за вработување во јавниот сектор не се целосно транспарентни, посебно не во однос на критериумите пресудни за изборот, а не се обезбедува ниту увид на засегнатите страни во целата постапка.

За овој случај сè уште нема епилог од Основното јавно обвинителство.