Приемниот испит би покажал кој колку знае, најавата на министерот ги подели граѓаните

Фото: Taylor Wilcox on Unsplash

Слабите резултати кои ги покажаа учениците што конкурираа за упис во гимназијата „Орце Николов“ на квалификацискиот тест, го отвори прашањето за враќање на приемниот испит во образовниот систем, како начин за селекција на стотиците кандидати со просек 5,00. И министерот Јетон Шаќири во изјава за Мета неодамна кажа дека не е исклучена можноста за воведување приемен испит откако ќе се направи анализа на петките што ги добиваат учениците.

Темата предизвика многу реакции и коментари на професори, родители но и на ученици кои се про и контра воведување тест за елиминација при пријавување во училиште за средно образование.

„Тестирање не е експеримент, ниту казна, туку проверка на знаење. Кој се плаши од тестирање, не сака да ја дознае вистината. Од заблуди стигнавме до овде“, стои во еден од коментарите.

„Родителите да бараат знаење за своите деца наместо оценки. Да се воведе приемен испит при упис во средно и на факултет, да има сторги критериуми за прием на Педагошкиот факултет и уште построги критериуми при вработување наставници, кои треба да бидат платени како што доликува“, наведено е во друг коментар.

Има и такви кои се на мислење дека не треба да се експериментира и дека не треба да се казнуваат учениците со полагање.

„Децата имаат свои права, а едно од нив е правото на квалитетно образование, а не стрес и малтретирање. Видовте и сами кои беа резултатите од екстерното полагање“, наведува родителка.

М-р Светлана Димитриевска, наставничка по пијано и раководителка на класата по пијано во Државниот музичко-балетски училиен центар „Илија Николовски – Луј“, смета дека е потребно да има тест за селекција при упис во средно училиште.

„Со оглед на начинот на оценување на учниците, кои и без случајот „Орце Николов” ни е добро познат, секако треба да има приемен испит за упис во средно образование.
За да ја надминиме ситуацијата од притисоци од сите страни, оправдани и неопрвадани, лично мислам дека во прво време треба да не се зема во предвид успехот од основното образование, а да се вреднуваат дипломи од достигнувања поврзани со посакуваното средно училиште“, вели Димитриевска.

Според неа голем проблем е задолжителното средно образование, како и наставните програми, кои им оневозможуваат континуиран тек како на наставниците, така и на учениците.

„Проблемот е комплексен и треба конечно образованието да стане примарен проблем кој треба да се решава студиозно, професионално и посветено“, додава таа.

Лука Павиќевиќ, претстедателот на Сојузот на средношколци е на став дека не треба да има приемни испити за упис во средно бидејќи според него, тие не го решаваат проблемот на инфлацијата на оценки и се косат со принципот на задолжителноста на средното образование.

„Воведувањето приемни испити значи дека ние како систем би рекле: ‘Нема начин да се осигураме во квалитетот на оценки од основно, тие се безвредни, залудно стоеле девет години, ќе мора да се полага нешто сосема ново’. Наместо да се фокусираме на воведување на застарени методи, треба како држава да се замислиме како да ја подобриме валидноста на оценките. Можеби скалата од 1 до 5 веќе не е употреблива“, смета Павиќевиќ.

Понатаму, според него, најлесно е да се собираат бројки и вадат просеци кога се извршува упис во средно или на факултет и затоа смета дека е потребен холистички пристап каде кандидатите би пишувале есеи и барале препораки за да се долови нивната целосна личност.

„Ме буни и спроведувањето на оваа идеја. Кој ќе ги креира овие приемни испити? Министерството? Значи, приемниот испит ќе биде ист за сите средни училишта? Или пак самите училишта? Тогаш, како ќе знаеме дека испитите се прилагодени на наставната програма во основното, која патем сè уште не кореспондира со „старата” програма во средното?“, додава тој.

 

Пишува: Антонија Поповска