Шаќири: Ќе ги анализираме петките, па ќе одлучиме дали ќе воведеме приемен испит

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Фото: МОН, 18 јануари 2022

Побарав од секторите за основно и за средно образование да направат анализа на резултатите што ги остваруваат учениците во последните три години и врз основа на тоа, но и врз основа на искуствата во земјите каде што се полага приемен испит за упис во средно образование, ќе процениме дали и кај нас да воведеме. Ова во изјава го вели министерот за образование и наука Јетон Шаќири, откако професори за Мета  предупредија дека системот на оценување треба да претрпи промени, по поразителните резултати од квалификацискиот тест што го полагаа учениците за упис во гимназијата „Орце Николов“.

„Побарав да направат анализа колегите во секторите за основно и за средно образование. треба да видиме во кои области какви резултати постигнуваат децата, од кои училишта се, а ќе се гледаат и причините кои довеле до многуте петки. Потоа, ќе направат анализа на тоа, во кои земји е задолжително полагањето приемен испит и какво е искуството што го имаат тие земји од ова полагање, односно какво е влијанието од приемниот испит. Потоа, ќе одлучиме што ќе преземеме“, вели Шаќири за Мета.

Во нашиот образовен систем нема приемен испит при упис во училиште за средно образование, освен во некои приватни училишта. Затоа, како што вели министерот, ќе треба да се овозможи и законски, приемниот испит да влезе во системот.

„Ова ќе значи менување на Законот за основно образование, Законот за средно образование, како и Законот за професионално и стручно образование“, додава министерот.

Оваа година, како што информира тој, гимназија избрале безмалку 4.000 ученици, а средно стручно училиште избрале 7.000 ученици. Тој вели дека е задоволен од процесот на реализација на квалификациското тестирање кое се одржа во три училишта.

„Ние се разбира дека знаевме дека во основното образование работите треба да се менуваат, па затоа и почна Конепцијата, која има за цел да придонесе за подобро учење, учениците да учат со меморизирање, со употеба на материјали од кои ќе учат“, додава тој.

Откако тестот за селекција на кандидати во „Орце Николов“ покажа дека најголем број од учениците беа оценети со тројка, експерти за Мета предупредија дека е многу важно оценките да бидат објективни, односно да се базираат на критериуми за оценување и да може да го изразуваат вистинското постигање на учениците. Професорката Татјана Алексиќ јавно призна дека на нејзините ученици им подарила петки и им се извини на оние со реални петки што не можела да им стави десетки. Нејзината колешка Елизабета Секирарска кажа дека системот дефинира оценки кои немаат зад себе сознаен габарит и дека е оптоварен со импровизации. Проф. д-р Кирил Барбареев, кој е еден од клучните експерти кој работеше на новата Концепција за основно образование, која меѓудругото, предвидува и поинаков начин на оценување, за Мета кажа дека е потребно да се воспостават јасни критериуми за оценување, кои се јавно достапни и со кои се обезбедува транспарентност на оценувањето.

Татјана Алексиќ: Јавно признавам, ставав незаслужени петки но ковидот ме услови