При полициска контрола во ноќен бар во Тетово, затекнати 10 странски државјанки

Инспектори на Регионалниот центар за гранични работи Север викендов извршиле контрола на ноќниот бар „Енерџи клуб“ на регионалиот пат Тетово – село Сарачино и затекнале 10 странски и три македонски државјанки, кои незаконски работеле во локалот, соопшти МВР.

Од странските државјанки, на возраст од 20 до 30 години, девет биле од Србија и една од Албанија.

При контролата, во објектот биле затекнати и сопственикот на локалот, А.М. (33) од Тетово, и српскиот државјанин Х.И. (34) од Прешево. Лицата биле приведени и задржани во СВР Тетово, а против седум странски државјанки била поведена прекршочна постапка.

Основниот суд Тетово им одредил парична казна и мерка забрана за влез во земјава во период од една година.

Од МВР додаваат дека по целосното документирање на случајот, против сопственикот на ноќниот бар ќе биде поднесена пријава, а кривична пријава ќе биде поднесена и против српскиот државјанин Х.И., кој е осомничен дека им помагал на две странски државјанки илегално да ја преминат државната граница.