Прекинати преговорите за иранската нуклеарна програма

Преговорите за иранската нуклеарна програма прекинаа откако Министрите за надворешни работи на земјите-членки вклучени во разговорите отпатуваа од Виена.

Иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, вчера прв отпатува од Виена, а по него австрискиот главен град го напуштија и шефовите на дипломатиите на Германија, Велика Британија и на Франција, Франк-Валтер Штајнмајер, Филип Хамонд и Лоран Фабиус.

Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, нагласи дека е очигледно оти до крајниот рок, 30 јуни, нема да биде постигнат договор за иранската нуклеарна програма, додавајќи дека е можно тој да биде продолжен за само неколку дена доколку учесниците во преговорите покажат флексибилност.