Неколку сервиси и услуги на „Гугл“ (Google) попладнево се соочија со прекини ширум светот. Повеќе од 100 илјади корисници пријавиле проблеми со најголемиот интернет пребарувач и неколку негови услуги и веб-страници како Јутјуб (YouTube), Џимејл (Gmail), Гугл Докс (Google Docs) и слични, кои не се вчитуваат, не реагираат или покажуваат пораки за грешки.
На DownDetector се забележува дека најголемиот дел од пријавените проблеми доаѓаат од европските земји, а прекинот во продуктите на „Гугл“ го забележуваат и корисниците во Македонија.
Прекинот се случил кај поголем дел од 1,5 милијарди корисници колку што има мејл платформата на „Гугл“, Gmail, пишува „Индепендент“ (Independent).
Страницата за статусот на услугите на „Гугл“ исто така известува дека сите услуги се соочуваат со прекин.
Проблеми се забележани и кај трети страни кои се потпираат на услугите на „Гугл“. Таков пример е играта Pokémon Go за која исто така се пријавени привремени прекини.
Иако некои од услугите неколку минути по прекинот делумно профункционираа, нема најава кога се очекува проблемот целосно да се разреши и услугите да се вратат во функција.
На социјалните мрежи корисниците го следат случајот преку хумор.
The day came when you can’t even @Google what happened with @Google ! #googledown pic.twitter.com/BQdQBQnrii
— Haya Zubair (@hayamione) December 14, 2020