Прегреаја линиите Атина – Брисел: Можен нов предлог до кредиторите

Во Грција се шират шпекулации за можна раздвиженост на грчката влада во насока на постигнување договор во последен момент со кредиторите.

Ненадејното откажување на закажаните средби на премиерот Алексис Ципрас со претставниците на грчките здруженија на трговци и на хотелиери, ненадејното откажување на владиниот брифинг и раздвиженоста на премиерскиот кабинет, предизвикаа дилеми дали можеби Ципрас го менува ставот и работи во насока на решение во последен момент.

Грчкиот премиер денеска е постојано на линија со првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, претседателот на Европската централна банка, Марио Драги, и со претседателот на Европарламентот, Мартин Шулц.

Во грчките медиуми се шират информации дека, можеби, Ципрас подготвува нов предлог кој би бил доставен до институциите за да се најде решение и компромис во последен момент и да се стабилизира ситуацијата во Грција.

Грчкиот весник „Прото тема“ излезе со информации дека можно е Ципрас во текот на денот ненадејно да замине за Брисел на средби за да се разговара можноста за нов договор.

И покрај владината раздвиженост и информациите за можно „помирување“ на Атина и на Брисел и рестартирање на преговорите, шефот на кабинетот на Ципрас, Никос Папас, излезе со став дека не се менува ништо и владата нема да отстапи од идејата за референдум.

– Референдум ќе има. Нека не сонуваат извесни лица дека Ципрас ќе го повлече референдумот – изјави Папас.