Предизбори во САД: Почнува битката за наследник на Обама

Американските предизбори почнуваат денеска во Ајова, аграрна и политички умерена сојузна држава, сместена во срцето на САД. Жителите на Ајова први ќе гласаат и од нив зависи иднината на политичарите, кои во име на една од двете главни политички опции (демократи и републиканци) се борат за да станат претседателски кандидати.

Во Ајова живеат дури три милиони лица, односно еден отсто од населението на САД, а тука почнува официјалната борба за номинација за претседателски кандидат и тоа е практика воведена во 1972 година. Во оваа богата земјоделска држава, која е на прво место по производство на пченица и на пченка во САД, и во која според статистиките има повеќе свињи отколку луѓе, се вперени очите на целата американска јавност. Таа е важна затоа што го одредува тонот и темпото на остатокот од предизборите. До јуни ќе гласаат и другите 49 држави во вториот предизборен циклус.

Без разлика на бројните пропусти и безбројните гафови, американскиот милијардер Доналд Трамп води во сите анкети на јавното мислење. Тој се наоѓа на речиси сите насловно страници, а успеа и да се профилира како независен аутсајдер. Тој во Ајова има поддршка од 37 отсто.

Најголем соперник му е Тед Круз, сенатор од Тексас, кој е близок до конзервативното движење „Ти парти“, а зад Трамп заостанува за осум отсто. Другите гласови се распоредени меѓу уште 10 републикански кандидати, а само флоридскиот сенатор Марко Рубио би можел да се надева на двоцифрена поддршка.

Шеесет и осумгодишната Хилари Клинтон имаше непријатно искуство пред осум години во Ајова. Тогаш таа беше поразена од сегашниот претседател Барак Обама, а тоа беше темел за неговата претседателска номинација и подоцна за победата на изборите.

Клинтон својата кандидатура ја соопшти во април минатата година, претставувајќи се како наследничка на својот сопруг и на претседателот Барак Обама. Поранешната државна секретарка има голема предност на национално ниво, ја сакаат гласачите од јужните држави со мнозинско афроамериканско население, а на нејзина страна се и конзервативните демократи.

Нејзин главен ривал е 74-годишниот Берни Сандерс, син на полски имигрант и досега непознат независен сенатор од Вермонт, кој најави борба против политичката номенклатура. Во последните месеци Сандерс, кој себеси се опишува како демократски социјалист, оствари значаен успех. Тој сака да го оживее времето од американската историја кога едно лице можеше да работи 40 часа неделно и да заработи доволно за цело семејство. Но, според Сандерс, за тоа е потребна политичка револуција.

Жителите на Ајова се горди со тоа што американските предизбори почнуваат од нивната сојузна држава, но и со тоа што кандидатите мора да минат месеци дружејќи се со избирачите на локално ниво. Во кампања се оди од врата до врата, се посетуваат традиционалните саеми, се дружат со малите претприемачи, одржуваат мали панел-дискусии и форуми…

Резултатите остварени во Ајова, а потоа и во Њу Хемпшир, во кој се гласа на 9 февруари, даваат процена за популарноста на кандидатите и за способноста да привлечат гласачи. Исто така, сосема очекувано е кандидатите што ќе остварат лоши резултати во овие две држави да се откажат од претседателската трка.