Пред матурантите од СОС Детско село се отвора нова животна страница

Растејќи во СОС Детско село, како деца без родителска грижа, тие покажаа неверојатна сила, истрајност и храброст. Овие наши млади херои надминаа бројни предизвици, но благодарение на нашата поддршка и сопствениот мотив, денес стојат пред нас како симбол на надеж и успех, велат од СОС Детско село

Фото: Колаж, фоотографии од СОС Детско село

Христина, Мартина и Ибраим се дел од седумте матуранти во СОС Детско село оваа година. Овие луѓе, освен што слават матура, слават и многу повеќе од крајот на образованието.

„Растејќи во СОС Детско село, како деца без родителска грижа, тие покажаа неверојатна сила, истрајност и храброст. Овие наши млади херои надминаа бројни предизвици, но благодарение на нашата поддршка и сопствениот мотив, денес стојат пред нас како симбол на надеж и успех“, велат од СОС Детско село додавајќи дека сега, кога се на прагот на независноста, периодот од нивните животи е исполнет со виор на емоции, од возбуда и исчекување за иднината до размислување за предизвиците што ги надминале и на сопствениот раст што го доживеале.

Компанијата Флекс кредит оваа година помогнала финансиски во обезбедување на облеката за сите седум матуранти.

Нивната приказна, велат од СОС Детско село, е инспирација за сите нас, потсетувајќи не дека без разлика на почетокот, со љубов, поддршка и одлучност можеме да постигнеме големи работи.

Христина Коневска / Фото: СОС Детско село

„Во моментов приоритет ми е државната матура за да можам да се запишам на факултет. Сакам да студирам Педагошки факултет и еден ден да работам со деца. Пред тоа ме чека долго топло и работно лето бидејќи сакам пред да започнам со студирање и финансиски да се остамостојам. А потоа еден ден да основам свое семејство, да се остварам како мајка, да бидам она што јас никогаш го немав – постојана поддршка и ветер во грб на своите деца“, вели Христина Коневска.

Мартина Костадиновска вели дека животот во СОС Детско село им овозможил на овие матуранти единствена и посебна врска меѓу себе и посветените едукатори од кои имале безусловна поддршка.

Мартина Костадиновска / Фото: СОС Детско село

„Сите овие години СОС Детско село за мене беше мое семејство и мој дом, но ќе бидам искрена, ми недостигаше мојот биолошки татко. По завршувањето на училиштето во план ми е да живеам со него. Пресреќна сум што конечно после 19 години ќе се обедини семејството. Се радувам на секој миг што ќе го имаме заедно, бидејќи имаме толку многу да надоместиме“, раскажува Мартина.

Ибраим Зекировски, пак има желба да работи како пекар и верува дека ќе успее да си ја оствари.

Ибраим Зекировски / Фото: СОС Детско село

„Мојот план за летово е да почнам да работам и да се осамостојам финансиски, а тоа значи да си најдам работа и свој стан за почеток. Додека бев во СОС Детско село научив многу работи, така што мислам дека сум веќе подготвен и доволно зрел да ја преземам грижата за себе“, вели тој.

„И што и да прават овие прекрасни млади луѓе во иднина, ние секогаш со гордост ќе се сеќаваме како учествувавме во трасирањето на нивниот животен пат, и се надеваме дека тие, во сите животни ситуации, ќе се сеќаваат дека ние сме секогаш тука за нив. Вашето патување е инспирација за сите нас, и со нетрпение очекуваме да бидеме сведоци на неверојатните приказни што ќе ги испишете во иднина“, порачува СОС Детско село на седумте матуранти годинава.