Пратениците се скараа за гласовите на дијаспората

Наместо дискусии и дебатa за Изборниот законик, пратениците вечерва на пленарната собраниска седница меѓусебно се обвинуваа за тоа кој има или нема легитимитет и кој колку реплики и закони предложил.

Пратеникот од дијаспората, Павле Саздов, рече дека му е мило што политичките партии одлучиле дијаспората да гласа и дека најточните гласови доаѓале токму од дијаспората, затоа што тие имале активна регистрација.

– Иако СДСМ сакаше дијаспората да не гласа, многу ми е драго што граѓаните што не живеат во Македонија ќе имаат можност да гласаат. Верувам дека гласачите од дијаспората поради ова ќе го казнат СДСМ – рече Саздов.

На ова му реплицираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски, кој рече дека не е исто да си пратеник со 10.000 и со 1.000 гласови.

– Павле, ем си нелигитмно избран, ем лажеш. Павле, немој да мафташ овде. За еден пратеник да биде легитимно избран, потребни се 10.000 гласови, а ти си избран со 1.000 гласа. Ниту пет збора немаш кажано на говорница. Зошто лажеш дека од СДСМ не сакале дијаспората да има право на глас, ние само баравме изедначување на гласовите во дијаспората и во Македонија. Павле, ти си нелегитимно избран и јас со живот ти гарантирам дека пратеник како тебе нема никогаш повеќе да биде избран, а ти никогаш повеќе нема да стапнеш во ова собрание – реплицираше Сугаревски.

Саздов рече дека опозицијата сакала да го скрати правото на глас на повеќе од 440.000 гласачи, кои си заминале од државата благодарение на лошите политики на СДСМ.

Пратеникот Васко Ковачевски рече дека СДСМ никогаш не бил против дијаспората, туку против тоа гласот на дијаспората да вреди повеќе.

– Господине Саздов, во „Мој пратеник“ немате ниту една реплика, ниту еден предложен закон, ниту едно поставено прашање, исто како и Вашите колеги од дијаспората. Лесно е да бидете пратеник во дијаспората, избран само со 800 гласа. Дојдете, бидете кандидат за пратеник во Македонија, тогаш ќе бидете легитимно избран – рече Ковачевски.