Пожари во Калифорнија, дадена наредба за евакуација на 13.000 лица

Калифорниските власти издале наредба за евакуација на околу 13.000 луѓе, поради пожарите што беснеат во оваа сојузна американска држава, јавуваат светските медиуми.

Според властите, околу 9.000 пожарникари интервенираат на стрмни терени и во тешки услови, во обид да ги локализираат и изгаснат 20-те пожари што беснеат во Калифорнија.

Најголема закана, како што јавуваат медиумите, е пожарот „Роки“, кој се шири северно од Сан Франциско и кој веќе уништил површина од околу 145 квадратни километри.

Во понеделникот, пожарот го прескокнал автопатот кој го спречувал неговото ширење.

Според извештатите, во пожарите, засилени од ветрот, се уништени најмалку 24 домови, а најмалку 6.000 имоти се наоѓаат на патот по кој се шири огнената стихија.